МЕ НАРЕКОА МЕНГЕЛЕ И УСТАШ Никогаш нема да им простам, жестоко им одговори Кон на антиваксерите
Им се обраќам на сите граѓани на Србија, не им се придружувајте на злобниците! Тие скандираа дека сум Менгеле, а тој се смета за најголемото зло што постои, никогаш нема да им простам за тоа поради моето потекло, рече разочарано водечкиот српски епидемиолог.
Српскиот епидемиолог Предраг Кон смета дека дека мерките против корона мора да бидат многу поригорозни и најави можност за продолжување на ковид пропусниците за период од 24 часа.
– Уште не можеме да ги видиме резултатите бидејќи таа мерка штотуку почна да се применува. Тоа е само вовед во нешто што треба да се имплементира 24 часа на ден, а дали доцниме сега е бесмислено да се зборува. Овие мерки ги бараме уште од пролетта – изјави Кон во утринската програма на српската ТВ Курир.
Тој се осврна и на протестите што во вечерните часови се одржуваат пред градското собрание на Белград, а се против мерките.
– Морам јасно да кажам. Се скандираше дека сум усташ и тоа нема врска со вистината. Се скандираше дека сум злосторник. И тоа нема врска со вистината, јас сум епидемиолог, злосторник е вирусот, а на протестите застанаа на страната на злосторникот. Тоа треба да им биде јасно. Им се обраќам на сите граѓани на Србија, не им се придружувајте на злобниците! Тие скандираа дека сум Менгеле, а тој се смета за најголемото зло што постои, никогаш нема да им простам за тоа поради моето потекло. На крајот тие скандираа „уапсете го Кон“. Зошто некој да ме уапси? Дали е тоа поради пропусниците за ковид? Поради ставот кон вакцините? Не! Апсолутно нема причина некој да ме уапси – изјави Кон во врска со протестите што се одржаа пред зградата во која живее.