МЕ КАЗНИЈА СО 2.100 ЕВРА ЗА ИЗМИСЛЕН ДЕФЕКТ На превозниците им се темни пред очи кога ќе видат полицаец

Aко вака се продолжи и ако нема некој порелаксиран систем на контроли и некаква толеранција онаму каде што може да се направи, мислам дека ќе доведе до банкрот на превозниците. Станува збор за силен удар врз градскиот превоз во Скопје, вели првиот човек на „Слобода Превоз“, Ленин Јовановски, во изјава за Плусинфо.

3,928

Сопствениците на приватни градски автобуси се жалат дека секојдневно со страв излегуваат на работа, плашејќи се дека ќе налетаат на сообраќајни полицајци кои без причина ќе ги испратат на вонреден технички преглед. А таму, на станиците за технички преглед, објаснуваат превозниците, скоро и да не постои возило кое влегло, а кое потоа излегло без да му биде пронајден или измислен некаков дефект.

Превозниците забележуваат дека ваквата масовна полициска акција врз приватните и врз автобусите на ЈСП започнала непосредно по завршувањето на локалните избори во земјава, односно откако на чело на Град Скопје застана Данела Арсовска, која беше поддржана од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе од очигледно е, наведуваат нашите соговорници, дека Министерството за внатрешни работи (МВР) на овој начин сака политички да се пресмета со Град Скопје, но во сета таа битка, најдебелиот крај го влечат превозниците и патниците.






Од Град Скопје, пак, велат дека од самата постапка на МВР може да се забележи дека станува збор за нешто опструирано, но дека не постојат докази за да се тврди дека се работи за полициско дејствување со политички налог.

Сепак, со ваквите обвинувања за евентуално политичко делување не се согаласува МВР, па оттаму појаснуваат дека акциските контроли се спроведуваат согласно утврдена методологија, а со цел зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот на патиштата.

Куфер ко куфер, празен!

Ми напишаа казна од 2.100 евра, а никој не сака да ми каже за што точно ме казнуваат. Вака револтираниот скопјанец, кој од разбирливи причини сакаше да остане анонимен, започна да го раскажува своето искуство со полицајците кои го сопреле додека го управувал својот градски автобус полн со патници и кој го испратиле на вонреден технички преглед.

– Не поминав ни еден километар откако тргнав да ја извозам линијата „22“ што се протега од Железничката станица до Волково, а двајца полицајци веќе ме пречекаа на една од автобуските станици и ми ги побараа документите. Откако проверија дека сѐ е во ред со документацијата, наместо да ме пуштат да продолжам со возење, тие ме испратија на вонреден технички преглед. За среќа, немаше многу патници во автобусот, па им се извинив и ги замолив да се симнат на автобуската станица за да не мора да губат време и да се малтретираат. Кога пристигнав на станицата за технички преглед, стручните лица го внесоа автобусот во просторијата, а сите монитори на коишто се прикажува исправноста или неисправноста на возилото ги свртеа на другата страна и не ми овозможија да видам во каква состојба е мојот автобус. Сепак, ни таквиот потег не ме вознемири премногу, оти јас сум автомеханичар по професија и редовно ја одржувам исправноста на возилото. Но, сепак, кога автобусот излезе од просторијата, полицајците ми соопштија дека е неисправен и дека ќе ми напишат казна од 1.700 евра за фирмата и 400 евра за мене како возач. Се зачудив и за момент помислив дека се шегуваат, но подоцна сфатив дека се навистина сериозни и дека навистина ја пишуваат казната – раскажува нашиот соговорник.

Тој побарал објаснување, но никој не сакал да му каже за каков дефект станува збор.

– Не сакаа да ми кажат поради што точно ме казнуваат. Веројатно и тие самите не знаеја. Молчеа полицајците, а молчеа и лицата кои го извршија техничкиот преглед. По мое долго инсистирање, еден од вработените ми рече дека не функционира кочницата на задното десно тркало. Во истиот момент, се појави друго лице кое ми соопшти дека не функционира кочницата на задното лево тркало. И тогаш конечно сфатив како стојат работите. И други мои колеги поминаа низ истото сценарио. Полицијата врши масовни акции и не размислува за последиците. Најважно им е само да нѐ казнат и да го пореметат возниот ред. Изненадувачки е тоа што такви акции се вршат и врз автобусите на ЈСП. Практично, државата сама со себе се казнува, односно сето ова наликува на класична престрелка помеѓу централната и локалната власт. Тие војуваат, а ние трпиме – раскажува тој.

Банални дефекти, огромни казни

Првиот човек на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, во изјава за Плусинфо вели дека со секое извлекување на возилото од линија, освен тоа што трпат патниците, трпат и превозниците затоа што не можат да ги извозат километрите коишто им се зададени и на тој начин им се нанесуваат финансиски последици.

– Дека вакво полициско малтретирање, со ваков интензитет и на ваков начин не било досега никогаш забележано, јас можам да ви гарантирам. Можеме само да си претпоставуваме дека се работи за некоја нова полициска тактика или стратегија. Ние во еден претходен период имавме договор со МВР кој значеше дека возилата нема да се извлекуваат од линија за да одат на вонреден технички преглед, туку возачите на автобусите сами ќе појдат на технички преглед откако ќе завршат со работа. Тоа е за да не ги малтретираме патниците и да не им го трошиме времето залудно. Со секое извлекување на возилото од линија, освен тоа што трпат граѓаните, трпат и превозниците затоа што не можат да ги извозат километрите коишто им се зададени и на тој начин им се нанесуваат финансиски последици. Но, сега полицајците не го почитуваат тој наш договор, ги стопираат автобусите и веднаш ги тераат да заминат на вонреден технички преглед заедно со патниците. На тој начин се нарушува возниот ред, патниците се оправдано нервозни. Сите овие контроли треба да се во насока на превентива и во насока на зголемена безбедност на патниците, а не за да се казнат што е можно повеќе превозници – објаснува Јовановски.

Ленин Јовановски „Слобода превоз“

Ние не сме против контролите, бидејќи тие се во функција на безбедноста на граѓаните кои ги користат нашите услуги, меѓутоа треба да постои некаков ред и да се внимава дали со санкцијата правите поголема штета отколку корист.

Тој вели дека казните за неисправно возило се ужасно високи, а дефектите во голем дел се банални и смешни.

– Казни фрчат и за прегорени сијалички за позиционо светло. Значи, за дефект кој возачот не може веднаш да го забележи и дефект кој никако не влијае страшно врз безбедноста на патниците. А казните се огромни. Казна добива возачот, управителот на фирмата и самата фирма. Практично, ако вака се продолжи и ако нема некој порелаксиран систем на контроли и некаква толеранција онаму каде што може да се направи, мислам дека ќе доведе до банкрот на превозниците. Станува збор за силен удар врз градскиот превоз во Скопје. Наскоро ние ќе доставиме едно барање за средба до Министерството за внатрешни работи на којашто отворено ќе разговараме и ќе се обидеме да пронајдеме начин како да се надминат овие проблеми со коишто се соочуваме. Ние не сме против контролите, бидејќи тие се во функција на безбедноста на граѓаните кои ги користат нашите услуги, меѓутоа треба да постои некаков ред и да се внимава дали со санкцијата правите поголема штета отколку корист. Што да им кажеме на граѓаните кои со часови чекаат автобус на автобуска станица и кои ќе доцнат онаму каде што тргнале? Значи, треба да се мисли на сите, а не да се мисли само на казнување – посочува Јовановски.

Кајшто има чад има и оган

Став за ова прашање побаравме и од Град Скопје, а оттаму кратко ни одговорија дека постапките на МВР дефинитивно наликуваат на политичко делување.

– Забележувате дека полицијата започна масовно да ги носи автобусите на вонреден технички преглед, а тоа само потврдува дека се работи за договорена работа. Не сакаме да навлегуваме во тоа дали станува збор за политичка пресметка или одмазда, но дефинитивно е чудно тоа што во еден ист ден на технички преглед завршуваат огромен број автобуси од градскиот превоз. А онаму каде што има чад, има и оган. Самата постапка на МВР изгледа како да е нешто опструирано, но не поседуваме докази за да потврдиме дека се работи за политички налог – ни одговорија од Град Скопје.

Од МВР, пак, тврдат дека акциските контроли се спроведуваат согласно утврдена методологија, а со цел зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот на патиштата.

– Работиме континуирано и преземаме мерки и активности за обезбедување на поголема безбедност во сообраќајот. Меѓу мерките се и контроли на техничката исправност на возилата што вршат јавен превоз, а во насока на превенција од последици кои можат да настанат од учество во сообраќај на неисправни возила за јавен превоз. Акциските контроли се спроведуваат согласно утврдена методологија, а со цел зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот на патиштата, и истите се спроведуваат на целата територија на Република Македонија. Возилата со кои се врши јавен превоз на патници на вонреден технички преглед се упатуваат и се врши исклучиво по завршување на превозот на патниците т.е. по завршување на линискиот превоз односно без патници – велат од МВР.

Ако нема автобус, фати си такси

Минатиот петок, жителите на Шуто Оризари беа оставени без автобуски превоз на редовните линии, па многумина од нив доцнеле на своите работни места и на училиште, објави весникот „Нова Македонија“.

– Доцнев на работа, повеќе од еден час чекав да дојде автобус. На крајот бев принудена да фатам такси, бидејќи морав некако да стигнам на работното место. Се јавувавме и на телефон, ни беше кажано дека автобус ќе дојде, но ни трага ни глас немаше од него – изјави Марија Стефановска, жителка на оваа населба.

И учениците револтирано изјавија дека биле принудени да се снаоѓаат за да стигнат навреме на училиште.

– Учам во средното училиште „Арсени Јовков“ и со автобус одам секое утро. Вчераутро, автобус не дојде и нѐ остави нас што користиме автобуски превоз на цедило. Моравме да се снаоѓаме, некои од нас заминаа со такси, некои ги викаа родителите да ги носат на училиште – изјави ученикот Мехмед.

Од „Мак експрес“ информираат дека проблемот е во тоа што на автобусите им се прави вонреден технички преглед.

– Речиси сите автобуси се испратени на вонреден технички преглед и затоа автобуски превоз нема. Како што завршуваат со вонредниот технички преглед, така се враќаат во сообраќај – истакна првиот човек на „Мак експрес“, Милорад Димитриевски.

Поврзани содржини