Меџити заборави на интерпелацијата, Груби се испофали за сработеното

Меџити како координатор на пратеничката група на ДУИ воопшто не разговарал со пратениците за интерпелациите за Груби и Османи, но и евентуално ако се реши на таков чекор пратеничката група на ДУИ нема да го поддржи, вели пратеник од ДУИ за Плусинфо.

835

Молк на координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити, за најавата дека ќе поднесе интерпелации за првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи и по истекот на стоте денови од владењето на владината коалиција помеѓу СДСМ и ДУИ и денешниот отчет за сработеното од премиерот Зоран Заев за првите три месеци.

И додека Меџити не одговара за најавените интерпелации, од партеничката група на ДУИ потврдуваат дека досега за ова Меџити не само што не разговарал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, туку дека ова прашање не го отворил за дискусија во ниту еден партиски орган, ниту пак, во пратеничката група.






Коментарите на сопартијците на Меџити се дека најавата за интерпелации за двајцата функционери била само форма на притисок до Ахмети, поради несогласувањето Османи и Груби да бидат во извршната власт.

– Меџити како координатор на пратеничката група за интерпелациите за Груби и Османи воопшто не разговарал со пратениците. Не верувам дека тој ќе поднесе интерпелации, но и евентуално ако се реши на таков чекор пратеничката група на ДУИ нема да го поддржи. Одговорност за работата на министрите на ДУИ не верувам дека некој ќе побара по истекот на првите 100 дена од владеењењто. Кадровски промени може ќе има, бидејќи пред нас се четири години владеење, но не сега – вели за Плусинфо пратеник од ДУИ.

И други сопартијци на Меџити со кои разговаравме велат дека освен неговата изјава, во партијата никогаш не е отворено прашањето за интерпелации за Груби и за Османи.

Наспроти Меџити, првиот вицепремиер Артан Груби на денешниот отчет за сработеното на Владата во првите 100 дена се пофали дека се спроведува владината програма. Тој рече дека со гордост може да се заклучи дека кохезијата помеѓу владините партнери ја чувствуваат сите граѓани и меѓународната заедница, дури и од првиот ден на работа на оваа влада. Според Груби, во демократската политичка пракса и култура, 100 дена по изборот на владата е период во кој опозицијата се воздржува од критика и дозволува простор за етаблирање на новиот кабинет, а не за отчет затоа што нивниот отчет е  секојдневен.

– Ги отворивме границите со нашите соседи, договоривме заедничка владина седница со Владата на Косово, ќе следи и со Грција и другите соседи, 9 милијарди евра се доделија за југоисточна Европа, организиравме прва официјална посета на премиерот на Косово, го потпишавме 5Г меморандумот со САД, ја завршивме експропријацијата на автопатот Скопје-Блаце, којшто веќе се гради, го завршивме реновирањето на хируршкото оделение во Гостивар и еколошкото греење во гинекологија Чаир, го одбележавме 22 ноември, усвоивме пакет од 470 милиони евра, надополнет и на последната
владина седница, обезбедивме над 830.000 вакцини, го завршивме Албанскиот театар, обезбедивме финансирање на општинските проекти и преку ребалансот и преку ТАВ заедно и со нови финансиски инструменти за помош и поддршка на општините – рече Груби и додаде дека во 2024 ќе ги праша граѓаните дали се чувствуваат подобро од пред 4 години, па како што додаде, ако мнозинството каже  да, тогаш нивното владеење било успешно.

Меџити до последен момент го држеше отворено прашањето дали Собранието ќе има мнозинство за избор на новата Влада. Тој тогаш за Плусинфо потврди дека е незадоволен од предлозите Османи и Груби да бидат дел од новата влада, но додаде дека функцијата прв вицепремиер не ја бара за себе. Тогаш сопартијците на Меџити коментираа дека тој е лут оти како потпретседател на партијата и претседател на чаирскиот огранок не бил консултиран за предлозите за министри. Освен што се надевал дека ќе биде прашан, Меџити очекувал тој да номинира кандидат за министер, бидејќи победата на парламентарните избори за Скопје ја одработиле тој и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети. По ова Меџити ја гласаше новата влада и за медиуми изјави дека до завршување на првите 100 дена на владата нема да се произнесе.

– Ќе зборувам по 100-те дена – рече тогаш Меџити, но ниту потврди ниту демантира дека подготвува интерпелации за Груби и за Османи.

Сопартијците на Меџити велат дека најавите за интерпелација ги сосекол лидерот Ахмети кој беше дециден дека не е загрижен, бидејќи доколку имало такво нешто, Меџити сигурно ќе разговарал со него.

Поврзани содржини