МЕЏИТИ НА ТЕРЕН ВО ЧАИР Топаана добива целосно реконструирана улица со модерен изглед и подобра безбедност
Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата Вреди, Изет Меџити, го посети реконструкцискиот проект на улицата Банатска, вреден околу 3 милиони денари, кој треба да донесе побезбедно и поудобно секојдневие за жителите на Топаана.
Кандидатот на владејачката коалиција Вреди за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска одблиску ги разгледа градежните работи што се изведуваат на реконструкцијата на улицата Банатска во населбата Топаана, проект кој се спроведува во рамките на вториот владин повик за поддршка на општините.
Проектот, со буџет од приближно 3 милиони денари, има за цел да донесе видливи и трајни подобрувања во инфраструктурата и секојдневниот живот на граѓаните на Чаир.
Со реализацијата, улицата ќе добие нова асфалтна подлога со зајакната основа, а ќе се изврши и реконструкција на системот за одводнување за да се спречат оштетувања при обилни врнежи. Покрај тоа, ќе се воведе реорганизација на сообраќајот со цел зголемена безбедност и удобност за сите учесници во сообраќајот.
Меџити истакна дека ваквите проекти се клучни за создавање на побезбедна, модерна и функционална инфраструктура во секој дел од Чаир.
– Секој проект што го реализираме има јасна цел – да му служи на граѓанинот. Реконструкцијата на Банатска ќе обезбеди полесно движење, побезбедни улици и подобар квалитет на живот за сите жители на Топаана – изјави Меџити.
Тој додаде дека реконструкцијата е дел од поширокиот план на Вреди за развој и модернизација на комуналната инфраструктура во сите делови на Општина Чаир.