МЕЏИТИ НАЈАВИ ИСТРАГИ ЗА ИГРИТЕ НА СРЕЌА НА ГРУБИ Новите компании за интернет коцкање немаат лиценци
Првиот вицепремиер и еден од лидерите на Коалицијата „Вреди“, Изет Меџити денеска на прес-конференција најави покренување соодветни постапки за докажување злоупотреби на службена положба и овластување на сите надлежни кои учествувале во донесување на незаконските одлуки поврзани со организирање различни видови игри на среќа.
– Благодарение на погрешните неодговорни и коруптивни одлуки на министрите од ДУИ преку отворање на три нови компании за организирање интернет игри на среќа, коцкањето преку мобилните уреди и компјутерите влезе во домовите и младината стана уште полесна цел на крајно девијантни појави. Затоа поднесовме барање за автентично толкување на член 7 од Законот за игри на среќа и за забавните игри за да добиеме прецизно толкување дали одлуката на претходната влада и раководството на Државната лотарија за интернет коцкање има законска основа. Автентичното толкување е изгласано од мнозинството пратеници и со него се предвидува дека интернет игри на среќи може да се организираат само врз основа на важечка лиценца. Земајќи предвид дека сите компании кои во времето на Артан Груби и Бајрами учествуваа на јавен повик и беа избрани да организираат интернет коцкање немаат лиценци, тоа значи веднаш и без одлагање ја тргаме коцката како општествено зло од домовите на нашите граѓани – рече Меџити.
Тој потенцира дека веќе работат на нов Закон за игрите на среќа и забавните игри, кој, како што рече, во разумен рок Владата ќе го прати на разгледување до Собранието. Според него, новиот закон ќе содржи низа одредби со кои се сигурни дека бројот на постоечките објекти за коцкање ќе се намали минимум за половина.
– Во рамки на владејачката коалиција има политичка волја овој план да се спроведе во целост. Преминуваме на дела – рече Меџити.