МЕЏИТИ ИМ ДАДЕ ИТНА ЗАДАЧА НА ОПШТИНИТЕ ДА ГИ МАПИРААТ СИТЕ ДИВИ ДЕПОНИИ Инспекторатот ќе спроведе вонредна контрола на постојните депонии
Контролата на Инспекторатот треба да опфати проверка дали депониите работат во согласност со издадените дозволи и еколошките стандарди, утврдување на евентуално незаконско депонирање или неправилно управување со отпадот, како и преземање мерки за санација и санкционирање во случаи на утврдени прекршувања.
На барање на министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, пратена е препорака до општините да спроведат детални контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и да изготват планови за нивно систематско отстранување.
Министерството за животна средина очекува од општините да преземат мерки во насока на унапредување на состојбата со управувањето со отпад и заштитата на животната средина, а Државниот инспекторат за животна средина итно да преземе активности поврзани со контролата и управувањето со депониите на територијата на државата.
– Се препорачува формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, воспоставување соработка со инспекциските служби за утврдување на одговорност, изработка на извештај за состојбата со дивите депонии кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и спроведување информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните за правилно постапување со отпадот – се наведува во соопштението од Министерството за животна средина.
Државниот инспекторат за животна средина е задолжен да спроведе вонредна инспекциска контрола на сите постојни депонии и нерегистрирани локации на територијата на државата. Контролата треба да опфати проверка дали депониите работат во согласност со издадените дозволи и еколошките стандарди, утврдување на евентуално незаконско депонирање или неправилно управување со отпадот, како и преземање мерки за санација и санкционирање во случаи на утврдени прекршувања.
Со овие активности се обезбедува усогласување со законските обврски, превенција од загадување на животната средина и заштита на здравјето на граѓаните, со крајна цел создавање чиста, безбедна и одржлива животна средина за сите, порачуваат од Министерството.