МЕЏИТИ ГО НАЈАВИ КРАЈОТ НА НАИ Дел од членството веќе се приклучува кон Вреди, Села можно во Владата

Меџити објави дека Националната алијанса за интеграција ќе се распушти, најавувајќи нови политички движења и можни коалициски промени во албанскиот политички блок.

1,522

Изет Меџити, кој во првиот круг од локалните избори го победи Бујар Османи во трката за градоначалник на Чаир, вечерва во гостување на ТВ 21 изјави дека Националната алијанса за интеграција (НАИ) ќе биде распуштена и дека се очекуваат структурни промени на политичката сцена.

Меџити изјави дека во редовите на НАИ постоело очекување дека ќе го задржат мнозинството од гласачкото тело по заминувањето на Арбен Таравари од Вреди, но дека резултатите од изборите ги разувериле.






– Да, почна процесот, бидејќи не го очекував овој резултат во НАИ. Особено со заминувањето на Таравари пред шест месеци, тие мислеа дека имаат 90 отсто од гласачкото тело. Но, се покажа дека членството остана во Вреди. Тоа го докажа и овој резултат. Сега во НАИ не се чувствува само изборен пораз, туку и загуба на надеж. Очекувам НАИ да се распушти и да има нови движења – изјави Меџити.

Тој додаде дека дел од гласачите кои досега биле дел од НАИ веќе започнале комуникации за приклучување кон Вреди, а најави и можни реформи во структурата на движењето.

Во врска со шпекулациите дека поранешниот лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, би можел да влезе во Владата, Меџити не ја исклучи таа можност.

– Не го негирам тоа. Политичката сцена кај албанските партии стана многу измешана. Се случија бројни турбуленции и мислам дека уште ќе ги има – рече Меџити, додавајќи дека постои комуникација меѓу политичките фактори.

Со оваа изјава, лидерот на Вреди испрати јасна порака за можно преструктурирање на албанскиот политички блок, што може да доведе до нови сојузи и промени во односите меѓу партиите.

Поврзани содржини