МЕЏИТИ ЌЕ ПУШТИ ИНСПЕКЦИЈА ВО КУМАНОВСКИОТ ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ Издава лабораториски резултати, а нема микробиолог
Апелирам да се пријавуваат вакви случаи и тоа што службите ќе го забележат на лице место, најригорозно да има санкции - изјави министерот Меџити.
Министерот за здравство Фатмир Меџити најави инспекција во Центарот за јавно здравје – Куманово поради наводите дека Центарот издава лабораториски резултати на пациентите, иако Државниот инспекторат му издаде забрана за вршење дејност бидејќи нема микробиолог кој би ги прочитал резултатите.
– Пред два дена сум запознаен за тоа дека нема микробиолог и дека од наша страна, веднаш е дадена согласност за микробиолог. Уште од првиот ден кога станав министер се изјаснив дека нема доволно менаџери кои си ја вршат својата работа, а има и такви кои не знаат да раководат со институциите. Токму поради тоа ќе го истражиме случајот докрај, така што уште од утре ќе има инспекции. Апелирам да се пријавуваат вакви случаи и тоа што службите ќе го забележат на лице место, најригорозно да има санкции – изјави Меџити на новинарско прашање по посетата на поликлиниката Јане Сандански.
Тој се осврна и на најавата за 600 нови вработувања на лица кои работат подолго време со договор на дело, истакнувајќи дека за брзо време ќе се најде решение со Министерството за финансии и со Фондот за здравство.
– Побаравме од Владата и од Министерството за финансии да има повеќе вработувања во здравството низ целата држава, бидејќи, како што знаеме сите, има дефицит на кадар. Настојуваме да се разреши овој случај и сметам дека од септември ќе знаеме точно, колку ќе има нови вработувања, плус оние кои веќе се вработени, но не добиле решение – истакна министерот.