МЕ ФАТИ СРАМ! На Харвард предаваат за „балканизација“ – економски термин за две блиски земји кои не соработуваат

Бугарскиот премиер Кирил Петков кој во вторник треба да дојде во Скопје, вели дека двете земји, но и целиот Балкан се соочуваат со корупција и со деструктивни елементи, кои тежнеат кон назадување на процесите.

789

Има една мала група луѓе, кои преку корупцијата заработуваат на сметка на сите останати. Јас мислам дека тие се дел од деструктивните елементи, кои се поврзани и кои го поставуваат прашањето дали е добро или не е добро добрососедството меѓу двете земји. Многу од тие исти групи се поврзани и со внатрешната корупција во земјите, порача во интервју за МИА, бугарскиот премиер Кирил Петков.

Осврнувајќи се на деструктивните сили кои влијаат врз процесите и обидите да се реши спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, Петков во првото интервју за македонски медиум по стапувањето на премиерската функцијата и неспоредно пред неговото доаѓање во посета на Скопје, во вторник, нагласи дека тие одделни групи во двете земји, кои од различни причини сметаат дека добрососедството не е добро за нив, ако се вклучат во целиот контекст ќе бидат само еден мал глас во целосната слика.






– Се надевам дека всушност имаме толку многу да добиеме заедно од тоа добрососедство, што дури и одделни групи луѓе и во двете земји, кои мислат дека тоа добрососедство не е добро за нив, политички или од некакви други причини, ако ги вклучиме во целиот контекст, се надевам дека ќе останат мал глас во зедничката идеја дека треба да работиме заедно. Има работи кои се чисти… Мислам дека и тешките прашања ако ги погледнеме на најразумниот начин, на пример, јас сум сигурен дека никој во Бугарија, никој во Република Северна Македонија, не мисли дека, на пример, дискриминацијата или јазикот на омраза е нешто убаво. Никој не може да го мисли тоа. Така, ако успееме да дефинираме точно какви се тие проблеми и од каде доаѓаат, тогаш и нивните решенија стануваат полесни – вели Петков.

Како проблем со кој се соочуваат и двете земји, но и целиот Балкан ја посочи корупцијата и ги поврза деструктивните елементи во двете земји, кои тежнеат кон назадување на процесите со овој деструктивен феномен.

Говорејќи за една од главните заложби на неговата Влада – нулта корупција Петков потенцира дека корупцијата треба да се исчисти и во Бугарија и во Република Северна Македонија.

– И мислам дека ако ние заедно успееме да кажеме: НЕ на корупцијата, НЕ на дискриминацијата, НЕ на непочитувањето на човековите права, ДА на добрососедството, ДА на заедничките врски, ДА на заедничката економија, и ги вклопиме во тие рамки, дијалогот ќе биде многу побрз и луѓето кои нѐ избрале на овие позиции, ќе нѐ разберат многу подобро. Така, ако тоа успееме да го направиме заедно, мислам дека и за двете земји ќе е многу покорисно – вели Петков за МИА.

Тој говореше за нешто со што се соочил пред неколку години на Харвард, а кое се однесува на навредливиот контекст при споменување на балканскиот регион.

– Нешто што искрено е навреда да ви кажам, пред неколку години бев на Универзитетот Харвард и еден од професорите по економија зборуваше за Централна Америка и вели: во Централна Америка една од земјите има елементи на балканизација. Јас велам: што е тоа балканизација? Тој вели: тоа е економски термин за дисхармонизација, кога две групи, блиски земји не се координираат добро. Ме фати срам. Си велам, не е можно нашиот реон, нашиот Балкан, нашите земји, да ги даваат за пример за дискоординација и тоа зборче што го користат на Харвард да е со името на Балканот. Така, што време е да го промениме она што значи балканизација – вели Петков.

Тој изрази надеж дека за некое време кога ќе се каже балканизација, ќе се зборува за промена на начинот на кои едни земји можат да почнат да работат заедно.

– И ако го замислиме како целина, Балканот е 65 милиони луѓе, тоа ви е една Франција. Замислете си ако имаме отворени пазари, ако работиме заедно, ако се почитуваме, има нулта дискриминација, сме ја исчистиле корупцијата… како би изгледал Балканот. Има толку многу работи и толку многу може да добиеме од една таква визија, што едноставно е време да ги засукаме ракавите и да почнеме да дејствуваме порача Петков во интервјуто за МИА.

Поврзани содржини
na