Меѓаши: Партиите да не ги злоупотребуваат децата во политичката кампања
Очекуваме конечно децата да станат интегрален дел од партиските програми, да бидат прашани за нивни мислења при креирањето на програмите и конечно, тоа што го ветуваат да биде исполнето. На ваков начин ќе им се овозможи на децата да бидат активни учесници во креирањето на програмите и активностите од кои тие се директно засегнати, велат од Меѓаши.
Првата детска амбасада во светот Меѓаши ги повикува сите политички партии и нивните членови во предизборниот период да посветат должно внимание на децата и почитувањето на нивните права, особено да не ги инволвираат на каков било начин за време на престојните парламентарни избори.
– Во Детската амбасада Меѓаши веќе добивме една пријава за политичка злоупотреба на деца во медиумска кампања, во која децата на ним несвојствен начин се претставени како главен мотиватор за политички одлуки кои не ги ни разбираат. Сметаме дека на овој начин преку децата има обид на емотивна основа да се допре до пошироката публика, што за нас е неприфатливо, а нивната улога е од визуелен рекламен карактер, спротивно на суштинските интереси и потреби на децата – велат од Меѓаши.
Според досегашното искуство, додаваат од Амбасадата, децата се приоритет на политичките партии само за време на избори, особено во делот на политички кампањи.
– Од таа причина бараме партиите да го сменат нивниот пристап и децата да им бидат фокус 365 дена во годината и тоа во сферите на подобрување на условите за живеење, образование, здравство, социјални услуги… но не во кампањи каде што се злоупотребуваат како „декор“ и средство за постигнување политички поени. Очекуваме конечно децата да станат интегрален дел од партиските програми, да бидат прашани за нивни мислења при креирањето на програмите и конечно, тоа што го ветуваат да биде исполнето. На ваков начин ќе им се овозможи на децата да бидат активни учесници во креирањето на програмите и активностите од кои тие се директно засегнати – велат од Меѓаши.
Од Меѓаши велат дека остро ќе реагираат доколку забележат присуство на деца на политички собири и митинзи како и за облекување во обележја од одредена политичка партија, користење деца за делење флаери, или лепење постери, сликање или користење детски мотиви, фотографирање со деца или снимање видеа со деца…
Оттаму потсетуваат дека земјава ја донесе Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба, во која се наведува дека се забранува секаков вид политичка присила и организирање на децата како инструмент за политички притисок и злоупотреба и изложување на нивната физичка сигурност и здравје.