Меѓаши: Партиите да не ги инволвираат децата во кампања
Во Детската амбасада Меѓаши веќе добивме една пријава за политичка злоупотреба на деца во медиумска кампања, во која децата на ним несвојствен начин се претставени како главен мотиватор за политички одлуки кои не ги ни разбираат.
Првата детска амбасада во светот Меѓаши ги повикува сите политички партии и нивните членови во предизборниот период да посветат должно внимание на децата и почитувањето на нивните права, особено да не ги инволвираат на каков било начин за време на престојните парламентарни избори.
– Политичката злоупотреба на деца и манипулација во интерес на добивање партиски поени со инволвирање деца во медиумски кампањи и политички маркетинг беше пракса на политичките партии и претходно. За жал забележуваме дека истото продолжува. Во Детската амбасада Меѓаши веќе добивме една пријава за политичка злоупотреба на деца во медиумска кампања, во која децата на ним несвојствен начин се претставени како главен мотиватор за политички одлуки кои не ги ни разбираат. Сметаме дека на овој начин преку децата има обид на емотивна основа да се допре до пошироката публика, што за нас е неприфатливо, а нивната улога е од визуелен рекламен карактер, спротивно на суштинските интереси и потреби на децата – велат од Меѓаши.
Од Меѓаши беаат партиите да го сменат нивниот пристап и децата да им бидат фокус 365 дена во годината и тоа во сферите на подобрување на условите за живеење, образование, здравство, социјални услуги, но не во кампањи каде што се злоупотребуваат како „декор“ и средство за постигнување политички поени.
– Со оглед на состојбата со коронавирусот дополнително остро ќе реагираме доколку се забележи присуство на деца на политички собири и митинзи како и за облекување во обележја од одредена политичка партија, користење деца за делење флаери, или лепење постери, сликање или користење детски мотиви, фотографирање со деца или снимање видеа со деца, – велат од Меѓаши.