Меѓаши: Обвинителството да постапи, партиите да ги повлечат спотовите со деца

Oчекуваме дека ДИК ќе преземе соодветни мерки кон политичките партии во насока на заштита на правата на детето и најдобриот негов интерес

314

Крајно сме разочарани и револтирани од неодговорниот однос на сите политички и институционални чинители кон децата и нивните права за време на предизборната кампања. По трет пат апелираме до сите политички партии, до Државната изборна комисија, до Основното јавно обвинителство и до медиумите да го сменат својот однос и покажат дека децата се важни за нив, секој во рамки на своите надлежности, реагира Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

– Во текот на вчерашниот ден, 30 јуни 2020 година, Првата детска амбасада во светот Меѓаши до Основното јавно обвинителство (ОЈО) достави информација за инволвирање на децата во политички кампањи и неколкукратно прекршување на нивните права. Во доставената информација дадени се линкови, на конкретни примери на злоупотреба на деца во политичката кампања, на увид на ОЈО. Со искрена верба во компетентноста на оваа институција очекуваме соодветна реакција. Апелиравме и до Државната изборна комисија (ДИК) упатувајќи ги нашите согледувања за прекршување на правата на децата во кампањите на политичките партии, како и злоупотребана децата и детскиот свет. Како институција што е одговорна за обезбедување услови за демократско и слободно спроведување на целиот процес на предвремените парламентарни избори – од предизборната кампања, се до денот на изборите, очекуваме дека ДИК ќе преземе соодветни мерки кон политичките партии во насока на заштита на правата на детето и најдобриот негов интерес, соопшти Меѓаши.






Од таму велат дека  од медиумите очекуваат да бидат главни актери во подигнување на свеста за заштита на правата на детето,  да отвораат теми и дебати од едукативен и информативен карактер со цел подобро разбирање на тоа што значи злоупотреба на правата на децата во политички кампањи. Ги потсетуваме дека е забрането емитување на политички рекламни спотови во кои се вклучени деца!

– И на крај, но не помалку важно, апелираме по третпат до сите политички партии што учествуваат во изборниот процес, да ги повлечат сите рекламни спотови во кои на кој било начин ги злоупотребуваат децата со цел постигнување политички поени. Во ова ги вклучуваме и политичките спотови во кои на експлицитен начин се злоупотребени лични податоци на малолетници – нивни ликови, и политичките спотови во кои е засегнат животот и светот на децата иако отсуствуваат слики и ликови на деца. Без разлика дали децата се појавуваат со свој лик во спотот или само се злоупотребува контекстот на детскиот свет, злоупотребата е еднакво иста и се искористува истата манипулативна техника, а тоа е емоционалната манипулација со чувствата на гласачите кон децата, симбол на иднината на едно општество. И повторно ги повикуваме: со истиот ентузијазам и енергија да пристапувате кон прашањата поврзани со децата и заштита на нивните права во текот на вашите мандати на кое било ниво на власт – велат од Меѓаши.

 

 

Поврзани содржини