МАЖИТЕ НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ ДИСКРИМИНИРАНИ НА ИЗБОРНА ЛИСТА Уставниот суд ќе ја разгледа иницијативата на Самка Ибраимовски
Подносителот на иницијативата побара да се укине и утврди како противуставен зборот „жена” повикувајќи се на членот 9 став 1 од Уставот кој предвидува дека сите граѓани се еднакви во слободите и правата
Во периодот од 1 септември до 20 октомври 2022 година во Уставниот суд се оформени 15 предмети по претходно поднесени иницијативи за оценување на уставност и законитост. Согласно Деловникот предметите се распределени кај советници на Судот и судии и се во почетна фаза, односно во претходна постапка.
Меѓу нив е и иницијативата на Самка Ибраимовски кој го оспорува Член 153-а, став 3 од Изборниот законик.
Ибраимовски ја оспорува одредбата: (став 3) Ако наредниот кандидат жена од листата од ставот 2 од овој член не ја извести Државната изборна комисија во рок од осум дена за прифаќањето на мандатот, тоа право се пренесува на наредниот кандидат жена од листата.
Подносителот на иницијативата бара да се укине и утврди како противуставен зборот „жена“ повикувајќи се на членот 9 став 1 од Уставот кој предвидува дека сите граѓани се еднакви во слободите и правата независно од полот итн и се еднакви пред Уставот и законите.
Напомена од редакцијата
Во претходната верзија на текстот објавен на Плусинфо беше напишано дека Уставниот суд ја прифатил иницијативата на Ибраимовски што не е точно. За неа засега е оформен само предмет. Се извинуваме поради ненамерната грешка.