„Мажи пештанци“ утре рано ќе креваат селско востание!

Протестот ќе се одржи под мотото: „Правда за Градиште – вратете ни ги имотите“, а не е исклучено „востанието за имотите“ да прерасне во општ еколошки бунт.

965

Здружението на граѓани со одземени имоти во процесот на денационализација „Оревче“ од село Пештани, утре во 09.30 часот ќе одржат „селско востание“ преку мирен протест, но ако тој не даде резултат, тогаш „ќе заиграат вили и мотики!“.

Вака се испофалија жителите од охридската туристичка насделба Пештани, познати по изреката: „Мажи пештанци!“ на кои најважните работи треба да им ги завршат – жените пештанки!






Протестот ќе се одржи под мотото: „Правда за Градиште – вратете ни ги имотите“, а не е исклучено „востанието за имотите“ да прерасне во општ еколошки бунт, бидејќи проблемот, покрај што задира во сопственичките односи, истовремено, е точка на која еколозите постојано укажуваат, ставајќи ја оваа атрактивна област во контекстот на загрозеното културно и природно наследство, под патронатот на УНЕСКО.

Најагилни во тој однос се од „Охрид СОС“, кои укажуваат дека намерата, наводно била, во Агенцијата за катастар, парцелите кои се означени, да се сведат како земјиште под зграда. Според извори кои тие ги консултирале, ова била нова промена, бидејќи претходно не стоел овој опис. Ако е тоа случај, кој дал овластување за промена и зошто? Се работи за државно земјиште, но сите постапки, досега, се тајни. Доколку стои оваа формулација, веројатно се подготвуваат и зградите, кои би се вцртале дополнително, реагираат од „Охрид СОС“.

Оттаму сметаат дека на просторот се планира елитна туристичка населба

Пештанци со децении протестираат барајќи правда за денационализираниот имот на атрактивниот автокамп Градиште во Охрид. Најнапред започнаа со штрајкови со глад, потоа со блокади пред влезот од кампот и слично.

Овој пат упатуваат ултиматум дека ова им е последниот мирен протест, револтирани, како што велат, од игнорантскиот однос и бавниот процес на денационализацијата. Стрелите им се упатени кон Државната комисија за денационализација, Министерството за финансии, Управниот суд…

Повеќе од 100 наследници од 36 семејства, што во Градиште поседувале имот со вкупна површина од 150.000 метри вреден 30 милиони евра, се незадоволни од работата на општинската комисија за денационализација, која според нив, неоправдано ја одолговлекува постапката за решавање на нивните барања за враќање на имотите.

– Бараме Законот за денационализација што го донесе парламентот доследно да се примени. Ние сме оштетени и не можеме да ги оствариме нашите права – велат пештанци.

Спорниот имот бил национализиран во 1957 година. Сопственик на имотот е државата, а корисник фирмата АД ИНЕКС Горица. Наследниците велат дека фирмата се приватизирала во 2002 година и покрај тоа што две години пред тоа била почната судска постапка за враќање на имотите.

Наведената фирма, за пристојна рента, просторот го дала на закупец кој пак, продолжил со издавање на просторот и објектите, остварувајќи приходи.

Поврзани содржини