МАЖ ПО РАЗВОДОТ Ѝ ДОЛЖИ 200.000 ЕВРА НА БИВШАТА СОПРУГА ЗА ИЗВРШУВАЊЕ „НЕВИДЛИВИ ЗАДАЧИ“ Не ѝ плаќал ништо иако помагала во семејниот бизнис
Првостепениот суд во Шпанија пресуди дека 48-годишната Ивана Морал има право на компензација во износ од над 200.000 евра за извршување „невидливи задачи“ за време на бракот.
Шпанката Ивана Морал била во брак 25 години, и во нив, покрај грижата за своите ќерки, таа морала да работи и дома и да помага во семејниот бизнис, за што никогаш не добила никаков паричен надомест. По разводот, првостепениот суд на Велез-Малага пресуди дека 48-годишната жена има право на компензација во износ од над 200.000 евра за извршување „невидливи задачи“ за време на бракот.
– Се чувствував понижена, потчинета и злоупотребена… Немав ниту банкарска картичка – вели таа за весникот „Ла Вангвардија“.
Нејзиниот поранешен сопруг, кого го опишува како „доминантен и манипулативен“, додава таа, бил „неверен и психолошки насилник“ и правел сè што можел за Ивана целосно финансиски да зависи од него.
Морал, покрај домашните работи, држела часови и чистела во фитнес-студијата на нејзиниот сопруг. Таа често работела и по 10 часа на ден и, вели, никогаш не добивала надомест. Зависела од парите што нејзиниот сопруг бил подготвен да ѝ ги даде.
– Иако и двајцата работевме, куќата, автомобилот и моторот беа негова сопственост – продолжи жената.
По разводот, таа побарала надомест, велејќи дека поради нејзината посветеност на домот и семејството, била лишена од секаков кариерен пат додека нејзиниот сопруг ги собирал сите средства. Според Судот, нејзиниот поранешен партнер сега мора да ѝ плати 204.624 евра, врз основа на годишната минимална плата за време на бракот. Нему, исто така, му е наредено да плаќа и алиментација за нивните ќерки.