Матурантка од НОВА ќе студира на универзитетот во Вирџинија каде што се школувал Томас Џеферсон

Многу универзитети воопшто не ги разгледуваат академските постигнувања на учениците, туку гледаат во кои воннаставни активности тие биле вклучени, која е нивната пасија и какви личности се. Мојот совет е - пробувајте нови работи, но кога ќе најдете нешто што го сакате, навистина посветете му се и вклучете се во тоа, вели матурантката Каролина.

3,950

Животната средина и начините на кои луѓето може позитивно да влијаат врз политиките за нејзина заштита, се во центарот на интересите на матурантката од Меѓународното училиште НОВА, Каролина Батмир, која од следната академска година ќе биде студент на катедрата за Наука и политика за животната средина на угледниот Универзитет на Вилијам и Мери (The College of William & Mary) во Вирџинија, САД. Овој универзитет е втората најстара високообразовна институција во САД, веднаш по универзитетот Харвард, место каде што со високо образование се стекнале тројца претседатели на САД: Томас Џеферсон, Џејмс Монро и Џон Тајлер.

Каролина потекува од САД, но кога имала 4 години со семејството се преселиле во Македонија. Основното и средното образование ги завршила во НОВА и сега по 14 години повторно се враќа во САД за да биде дел од наставната програма за животна средина на Универзитетот на Вилијам и Мери, која е рангирана меѓу 25. најдобри во САД.






– Бев импресионирана од нивната катедра за Наука и политика за животната средина, како и од интердисциплинарниот пристап на програмата кој во суштина ве принудува да ги удвоите главните предмети со цел да се стекнете со дополнителна специјализација, и да се стекнете со нови знаења и вештини во потенцијалната кариера во ова поле. Многу значајни за мене беа и локацијата и големината на универзитетот, кој е многу блиску до моето семејство во Вирџинија. Сметам дека помалиот број студенти кои го посетуваат универзитетот, околу 6.000, е совршена бројка за помала и поблиска заедница со голема разновидност – ги објаснува Каролина причините поради кои го избрала Универзитетот на Вилијам и Мери меѓу неколкуте други универзитети во странство кои ја прифатиле нејзината апликација.

Таа истакнува дека ја интересирааат сите аспекти на животната средина и нејзината поврзаност со човекот, но најмногу сака да се насочи кон начините на кој законите, регулативитите и урбаниот развој влијаат врз природата.

– Рaзмислувам да го искомбинирам мојот главен предмет Наука и политика за животната средина со Јавна политика или Меѓународни односи, што ќе ми овозможи натамошна кариера во која ќе работам со луѓе кои ги носат законите и регулативите за да направам некаква промена. И не само во САД, туку и на глобално ниво. Мојот интерес особено е насочен кон одржливи градови и сметам дека ќе ми биде вистински предизвик доколку можам да создавам повеќе вакви градови низ светот и да ги трансформирам урбаните области кои ѝ штетат на животната средина во околина која создава хармонија – вели Кaролина.

Иако за многумина аплицирањето на некој универзитет е многу стресно и предизвикувачки, Каролина вели дека овој процес за неа бил прилично лесен. Најголем напор од неа барало вложувањето во академските и воннаставните програми во изминатите четири години на средното училиште, така што кога стигнала до фазата на пријавување за на факултет, не ѝ преостанало ништо друго да направи освен да ја остави нејзината долгогодишна напорна работа да зборува за неа. Дополнителен плус за Каролина било тоа што во НОВА била дел од AP програмата во која учениците од средно училиште слушаат и полагаат предмети на универзитетско ниво.

– AP програмата е креирана за да ве натера да научите што е можно повеќе информации и вештини за краток период од 7 месеци и навистина ги тестира вашите граници како ученик. Иако предметите од AP се ригорозни, дефинитивно се добра подготовка за предметите на факултет и ако постигнете добри резултати на испитите може да добиете и кредити за на факултет. Моето искуство со предметите од AP програмата дефинитивно ми ги зголеми шансите за прием на различни универзитети, не само затоа што се предизвикав себеси, туку и се покажав одлично во однос на финалните оценки од НОВА и резултатите од AP испитите, докажувајќи дека сум способна да следам предмети на универзитетско ниво и да успеам – вели Каролина.

Во моментов таа не прави конкретни планови за иднината и вели дека е отворена за различни опции, од тоа да работи за владата на САД, да работи за невладини организации во различни земји или да се врати во Македонија и да помогне во промена на политиките за животната средина. Сепак, Каролина со сигурност знае дека каде и да заврши по 10 години, сака да придонесе кон позитивни промени во начинот на кој луѓето влијаат врз нашето природно опкружување. И нема да биде изненадена ако таквата кариера ја донесе назад во земјата на нејзиното детство, Македонија.

Нејзиниот совет за учениците од земјава кои сонуваат да студираат на некој квалитетен светски универзитет е едноставен – да вложуваат во себе додека се во средно училиште.

– Тоа што го работиш и личноста која што си во средно училиште е многу важно и навистина ги одредува твоите опции за на факултет. Мислам дека вообичаена заблуда е дека за да влезете на некој универзитет, доволно е да учите многу и да имате добри оценки, но потребно е многу повеќе. Многу универзитети воопшто не ги разгледуваат академските постигнувања на учениците, туку гледаат во кои воннаставни активности тие биле вклучени, која е нивната пасија и какви личности се. Мојот совет е – пробувајте нови работи, но кога ќе најдете нешто што го сакате, навистина посветете му се и вклучете се во тоа. Факултетите навистина сакаат да го видат тоа кај своите студенти, при што ќе ви помогне да стекнете одредени специфични вештини и како личност – завршува Каролина.

Поврзани содржини