МАТИЧНИТЕ ЌЕ ПРЕПИШУВААТ АНТИНИКОТИНСКИ ФЛАСТЕРИ И КОНТРАЦЕПТИВИ Нови лекови на есенцијалната листа
Матичните лекари ќе ги препишуваат новите антиникотински терапии и контрацептиви според есенцијалната листа, која се ажурира по осум години, но пациентите ќе мора да ги платат сами.
Матичните лекари во Македонија ќе можат да препишуваат трансдермални фластери, никотински гуми за џвакање и контрацептивни средства, како дел од есенцијалната листа на лекови. Сепак, овие лекови нема да бидат бесплатни за граѓаните.
На денешната прес-конференција министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со Аким Али од Светската здравствена организација и проф. д-р Зоран Стерјев од Фармацевтскиот факултет, истакнаа дека листата, последен пат ажурирана во 2015 година, сега содржи сите најнеопходни лекови за лекување на најчестите заболувања.
– Она што е специфично и што треба да се напомене, во есенцијална листа имаме и никотинска терапија – трансдермални фластери и никотински гуми за џвакање, потоа контрацептивни средства. Направена е и реорганизација на антиинфективните лекови – рече проф. Стерјев.
Тој објасни дека есенцијалната листа се разликува од позитивната листа на лекови.
– Есенцијалната содржи препарати кои државата мора да ги има обезбедено во секое време заради можноста за појава на одредени заболувања. На пример, пет антиепилептици се лекови од прв избор. Позитивната листа, пак, содржи и други лекови кои се покриени од ФЗО – додаде Стерјев.
Министерот Алиу истакна дека ажурирањето ја усогласува државата со современите клинички стандарди.
– Ова се прави со поддршка на СЗО, во процесот учествуваат претставници од академијата, пациентски организации и фармацевтската индустрија. Листата отсега ќе се ажурира на секои две години – рече Алиу.
Новите лекови на есенцијалната листа ќе им овозможат на граѓаните поедноставен пристап до терапии за никотинска зависност и контрацепција, но тие нема да бидат бесплатни, што значи дека пациентите ќе мора да ги платат согласно ценовникот во аптека.