МАТЕЈ ЏАЈКОВСКИ НОМИНИРАН ЗА ГРЕМИ Биг Слав е коавтор и копродуцент на албумот „Access All Areas“ на триото FLO
За името на Матеј Џајковски, познат под уметничкото име BigSlav, слушнавме кога неговата музика се најде и на саундтракот на хит-серијата Inventing Anna на Netflix, која беше една од најгледаните серии во годината на нејзиното објавување.
Македонскиот музички продуцент Матеј Џајковски, познат под уметничкото име BigSlav, доби престижно меѓународно признание — албумот „Access All Areas“ на поп-R&B триото FLO, на кој тој соработуваше како автор и продуцент, е номиниран за Греми награда.
Албумот е номиниран во категоријата „Best Progressive R&B Album“ на 68. издание на Греми наградите, што ќе се одржи на 1 февруари следната година во Crypto.com арената во Лос Анџелес.
Џајковски е коавтор и копродуцент на песната „On & On“, која брзо стана фаворит меѓу фановите на FLO. Само неколку месеци по издавањето, композицијата се искачи на високи позиции на Billboard, како и на популарните радио-станици низ САД, каде што останува постојано присутна.
View this post on Instagram
По објавувањето на „Access All Areas“, албумот веднаш достигна #1 позиција на Apple Music во САД и Велика Британија, што дополнително ја потврди растечката слава на FLO како едни од најперспективните млади артисти на денешната музичка сцена.
Ова е прва Греми номинација за Матеј Џајковски, кој веќе подолго време живее и работи како музички продуцент во Лос Анџелес. Името на BigSlav не му е непознато на светската индустрија — неговата музика се најде и на саундтракот на хит-серијата Inventing Anna на Netflix, која беше една од најгледаните серии во годината на нејзиното објавување.
Номинацијата доаѓа како значајно признание не само за индивидуалниот успех на Џајковски, туку и како уште една потврда за присуството на македонски таленти на глобалната музичка сцена.