МАСОВНО ПИЈАНСТВО НА ПАТИШТАТА ЗА 1 МАЈ Полицијата казнила дури 132 пијани возачи!
Биле откриени и 114 учесници во сообраќајот кои што немале возачка дозвола, соопшти полицијата.
Стотици возачи вчера се однесувале несовесно на празничниот ден, возеле пијани, возеле без дозвола, брзале. Полицијата напиша 613 казни.
„Во текот на вчерашниот празничен ден, 1.5.2025, а како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 613 издадени платни налози, дури 132 прекршоци се однесуваат за возачи кај кои после алкотестирање било утврдено недозволено количество на алкохол во крвта. Воедно биле откриени и 114 учесници во сообраќајот кои што немале возачка дозвола“, соопшти полицијата.
Од казните, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, 115 се изречени за непочитување на пропишаната брзина на движење, 42 за недозволено паркирање, 37 за некористење сигурносен појас. Изречени се 10 мерки за возачи на мотоцикл за неносење заштитна кацига како и 7 санкции за возачи кои што говореле на мобилен телефон при возење.
„Исто така, согласно Законот за возила, 24 возила биле отстранети поради тоа што биле нерегистрирани, а 4 возила поради техничка неисправност. Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи, за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, апелира полицијата.