МАСОВНИ ПРОТЕСТИ, БЛОКИРАНО СОБРАНИЕ, НЕПОСЛУШНИ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ На какви невидени чекори е подготвен Мицкоски?

Ќе преземеме сѐ што ви паѓа на ум. И протести, и блокади, и непослушност. Буквално сѐ што можеме да преземеме како политичка партија. По оваа штетна власт ќе удриме со полна сила, брифираат за Плусинфо високи претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

13,717

И кога конечно ќе си помислите дека сте виделе сѐ што требало и што не требало да видите на македонската политичка сцена во изминатите три децении, одеднаш се појавува лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција и соопштува дека неговата партија ќе заседава и дека наскоро ќе донесе одлука за преземање сериозни и досега невидени и непрактикувани чекори за да издејствува предвремени парламентарни избори.

Тој не откри какви невидени идеи и револуционерни планови замислуваа, но за што и да станува збор, очигледно, засега не предизвика огромен стрес и загриженост кај премиерот Димитар Ковачевски.






– Уцени не прифаќам, особено не за себичните интереси на Мицкоски – му одговори премиерот на својот најголем политички опонент.

Ваквото експресно одбивање на понудата за двобој и газењето врз ракавицата која противникот веќе ви ја фрлил в лице, во каубојските филмови, па и во политиката, најчесто води кон објавување војна! Во случајов, заканувачкиот пристап на Мицкоски и игнорирањето на поставениот ултиматум од страна на Ковачевски, се очекува за брзо време да ги разбуди духовите и да го исценира токму тоа што го најави опозицискиот лидер: да го видиме невиденото, да го чуеме нечуеното.

Во неформален разговор со високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ дознаваме дека партијата планира да ги преземе „сите расположливи мерки и чекори кои согласно проценката на моменталната ситуација ќе бидат возможни за преземање“.

– Ќе преземеме сѐ што ви паѓа на ум. И протести, и блокади, и непослушност. Буквално сѐ што можеме да преземеме како политичка партија. По оваа штетна власт ќе удриме со полна сила. Еве, за да не испадне дека сме премногу безмилосни, му даваме уште една шанса на премиерот Ковачевски. Нека преспие уште една ноќ и убаво нека размисли дали со сигурност ја одбива понудата. Рокот е до 10 мај, а тоа е доволно време за да ја донесе исправната одлука – брифираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за Плусинфо објаснува дека невидените чекори што би можел да ги преземе Мицкоски во моментов се масовни протести, блокади на улиците, повик за граѓанска непослушност, блокада на Собранието, но и непослушност на сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.

– Навистина не знам што би можело да биде тоа што Македонија сѐ уште не го видела и не го доживеала во политиката. Претпоставувам дека лидерот на опозицијата на овој начин најавува масовни протести, блокади на улиците, па и граѓанска непослушност. Тоа се стандардните техники кои обично ги користи една опозициска партија. Но, може да оди и уште подалеку и да го блокира Собранието или да започне сериозен филибастеринг. Исто така, во игра е непослушност на сите градоначалници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во ваква една криза, кое било нарушување на нормалниот тек на функционирањето на системот е меч со две острици. Да, протестите ќе создадат посериозно незадоволство кај гласачите, меѓутоа дел од тоа незадоволство може да се истури и кај тие што го предизвикуваат. На пример, погледнете што се случува со СОНК и со штрајкот на просветните работници. Штрајкот започна со сериозни симпатии од јавноста, а сега како што трае штрајкот, тие симпатии се намалуваат и се претвораат во антагонизам – објаснува Арсовски.

Во ваква една криза, кое било нарушување на нормалниот тек на функционирањето на системот е меч со две острици.

Петар Арсовски Политички аналитичар

Тој вели дека Македонија ја очекува жешка пролет, но веројатно и жешка есен.

– Премиерот Ковачевски за само еден час му одговори на Мицкоски преку Фејсбук, а според остриот тон во одговорот, јас не гледам расположение кај владата за предвремени избори. А и кај самите гласачи не постои расположение за предвремени избори. Народот смета дека со терминот на изборите се вршат манипулации и сѐ уште е доминантно расположението дека се потребни редовни избори. Гласачите, во принцип, оправдуваат предвремени избори тогаш кога ќе се случи некоја сериозна уставна или безбедносна криза, односно кога предвремените избори се неопходни за да се врати државата во нормала. Како и да е, нѐ очекува еден тежок политички период. Не знам дали ќе имаме само жешка пролет, но голема е веројатноста да имаме и жешка есен – вели Арсовски.

СДСМ: Одраз на немоќ и на безидејност

Додека Владата предводена од СДСМ со одговорен пристап ги решава предизвиците со најголемата економска криза по Втората светска војна и го штити стандардот на граѓаните, Мицкоски се занимава со уцени и со закани за некаква радикализација заради негови себични политички амбиции, обвини СДСМ преку соопштение.

„Повеќе од јасно е дека не е време за избори, дека е потребно функционално Собрание за носење закони и рационално трошење на буџетот, но Мицкоски не го интересира тоа, бидејќи неговите потреби и желби секогаш биле пред интересите на граѓаните. Владата предводена од СДСМ нема да дозволи желбата за власт на Мицкоски да резултира со штета по граѓаните, нестабилност, трошење на буџетски средства и продлабочување на кризата. Неговите закани и најавите за радикализација се одраз на немоќ и безидејност, бидејќи е свесен дека оваа Влада е стабилна и добро владее“, соопшти СДСМ.

Поврзани содржини