„Маслодајна“ Велес две и пол години чека градежна дозвола за инсталирање опрема
Менаџерите бараат итна средба со градоначалникот Аце Коцевски.
Итно добивање градежна дозвола за инсталирање на најсовремена опрема вредна 1,5 милион евра, која чека во фабричкиот двор да биде инсталирана, побара денеска менаџерскиот тим на велешка Маслодајна А.Д „Благој Ѓорев“. Тие по бараа заедничка средба со градоначалникот Аце Коцевски и го повикаа да им помогне во решавање на проблемот.
Според нив, со новата опрема ќе се обезбеди подобро рафинирање на маслото за јадење и подобар квалитет, но и помала потрошувачка на пареа, а со тоа ќе се намалат и штетните емисии во воздухот.
Тие тврдат дека постапката за добивање градежна дозвола две и пол години е заглавена во општинската администрација.
Како што информира на Олгица Стојанова директор на производство и одржување, на 5 декември 2017 година А.Д „Благој Ѓорев“ првпат поднеле барање до Општина Велес за отпочнување на постапка за имплементација на новата опрема.
– Знаеме дека за тоа е потребно време но две и пол години е долг период за да не ни дозволат да инвестираме веќе набавена врвна опрема произведена од „Алфа Лавал“ – посочи Стојанова.
Таа информира дека за инсталирање на оваа современа опрема ќе се гради и метална конструкција која ќе биде повисока, со што ќе се замени старата опрема со нова поефикасна за работа и ќе се намали потрошувачката и ќе се намалат штетните емисии во воздухот од фабриката.
– Со оваа опрема добиваме и автоматизација со што побезбедно би го набљудувале процесот, иновативност, развојна технологија со која би имале постојано следење на параметрите на пософистициран начин и би обезбедиле подобар квалитет -рече Стојанова.
Таа јавно го повика градоначалникот Аце Коцевски на заедничка средба на помирување и решавање на случајот.