Европа треба да биде помалку зависна од другите земји во стратешките области, како што се здравствениот и енергетскиот сектор, им рече германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, на германските амбасадори собрани на онлајн конференција.
– Итно треба да ја намалиме нашата зависност во стратешките витални области: во здравствениот сектор, но подеднакво во однос на енергијата, информатичката технологија, храната, логистиката и суровините. Кога се работи за здравјето и безбедноста на нашето население, ЕУ мора да гарантира сигурно снабдување – рече Мас во Берлин, јави ДПА.
Според него, тоа не значи отфрлање на слободната трговија.
– Но, рамнотежата помеѓу меѓународната поделба на трудот и ризикот од стратешка зависност мора да се воспостави на друг начин. Би сакал Германија и Европа да бидат пионери во ова – рече тој.
Во упатствата до германските претставници за шестмесечното претседателство со ЕУ во втората половина на 2020 година, тој рече дека целта е да се обезбеди и европско влијание во светот по пандемијата.
Германскиот министер за надворешни работи рече дека пандемијата ќе има силно влијание врз надворешната и безбедносната политика и може да ги влоши глобалните нерамнотежи, иако не е јасно која држава ќе излезе победничка од пандемијата.
– Повеќето луѓе се обложуваат на Кина, но дали е тоа едноставно? Дали меѓународните компании ќе продолжат да произведуваат „навреме“ во Кина, ако причините за криза од овој вид не бидат разјаснети на проверлив начин – додаде тој.
Мас исто така посочи на „искривената слика“ на САД што ја прикажува земјата со колапс на здравствениот систем и со огромна невработеност.