Марков: Кривична одговорност за Филипче, нема вакцини загрозено е здравјето на граѓаните има три илјади починати
Марков го праша министерот што направи со директните преговори за набавка на вакцини на Фајзер и каде се донациите од соседите кои како што рече министерот ќе ги дале за Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ бара кривична одговорност за министерот за здравство Венко Филипче бидејќи сѐ уште во земјава нема вакцина против ковид-19 со што дополнително се загрозува здравјето на граѓаните. Веќе стигнавме до 3000 починати од ковид-19.
Петар Марков на прес-конференција рече дека КОВАКС обелодени уште една лага на министерот за здравство Венко Филипче.
– Додека Филипче оперираше со бројка од околу 800 илјади дози на вакцини од КОВАКС механизмот за Македонија, истиот механизам го демантираше Филипче и соопшти дека во првата половина на годинава ќе има само околу 100 илјади дози. Кога ќе стигнат останатите околу 700 илјади дози од КОВАКС? – праша Марков.
Тој го праша министерот што направи со директните преговори за набавка на вакцини на Фајзер и каде се донациите од соседите кои како што рече министерот ќе ги дале за Македонија?
– Во месец февруари во сите земји веќе се зборува за примање на втората доза од вакцината, и се брои колку од населението е вакцинирано.Македонија ја нема на ниту една листа. Во Македонија не се зборува за степен на ефикасност на вакцините заради тоа што вакцини не постојат. Заев и министерот Филипче не направија ништо за да се заштити здравјето на граѓаните во овој период на пандемија. Нивното незнаење и незаинтересираност резултира со тоа да нема ниту дури основни лекови. Заради ваквото загрозување на здравјето на граѓаните е потребна кривична одговорност – рече Марков.