МАРКО БИСЛИМОСКИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА За одлуката писмено го известил Собранието
Пред нешто повеќе од две недели Управата за финансиска полиција (УФП) му поднесе кривична пријава на Бислимоски под сомнение дека ја злоупотребил службената положба и овластување
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски денеска поднесе оставка, потврдија за Плусинфо од Комисијата.
Бислимоски утрово со писмо го информирал претседателот на Собранието дека се повлекува од функцијата, без да ги наведе причините за повлекувањето.
Од Комисијата објаснуават дека согласно Законот за енергетика и Статутот на РКЕ, се додека не се донесе одлука за престанок на функцијата претседател на РКЕ, Бислимоски ќе ја извршува функцијата. РКЕ ќе продолжи да функционира и да ги извршува надлежностите и обврските кои ги има согласно Законот за енергетика
Бислимоски на функцијата претседател на Регулаторната комисија за енергетика беше избран во јуни 2018 година. Во 2023 година тој го почна вториот мандат во РКЕ.
Пред нешто повеќе од две недели Управата за финансиска полиција (УФП) му поднесе кривична пријава на Бислимоски под сомнение дека ја злоупотребил службената положба и овластување, бидејќи не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива. Тоа и овозможило на компанијата да работи уште околу 15 месеци и за тој период остварила промет од над 3,15 милиони евра и противправна имотна корист од околу 229.000 евра.
Бислимоски демантираше дека работел незаконски и рече дека ќе им ги стави на располагање сите информации на надлежните институции, со цел да докаже дека во постапката за одземање на лиценцата на компанијата не било направено никакво прекршување на законската регулатива.