Маркетите ги распуштија редарите, Државниот пазарен инспекторат испорача 80 платни налози
Не се почитува мерката за дистанца, на граѓаните им се дозволува непречено да влегуваат, во продавниците може да се затекнат и повеќе од десетмина , што не беше случај кога имавме помал број на заразени од ковид-19, пред неколку месеци, тогаш имаше ред и редарите си ја вршеа работата
Дали се вршат редовни контроли во маркетите во Скопје, дали се констатирани вакви неправилности и колку казни се изречени поради непочитување на мерките за заштита денеска го прашавме Државниот пазарен инспекторат:
– Државниот пазарен инспекторат не само во Скопје врши контроли и во маркетите на целата територија на државата. Од почетокот на пандемијата, па до денеска се воочени неправилности низ целата држава и имаме доставено околу 80 прекршочни платни налози. Секојдневно ја следиме сосојбата – вели Мери Проја Продановска, раководителка на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Во петокот, за време на акцијата „Black Friday“ биле извршени инспекциски надзори во моловите , но немало многу неправилности.
– Во моментот се обработуваат уште некои постапки во делот на попустите што беа забележани на „Black Friday – вели Продановска.
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Иринка Бухова – Сотирова вели дека немаат ингеренции да постапуваат за санкционирање на мерките во однос на почитување на личната заштитна опрема во моловите и во сите правни субјекти кои ги инспекторира ДПИ.
Овие мерки навистина се почитуваа во времето кога Владата ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговија со која се воспостави ред и дисциплина при влез во објектите во кои се врши трговија на мало, продавници, самопослуги, маркети, пекари.
Според таа Уредба сите трговци беа должни да обезбедат редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу граѓаните пред и во објектот и да обезбеди дезинфекција за раце на влезот.
Уредбата предвидуваше да се постават и соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание од 2 метри при чекање ред пред и во објектот и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.
За малите и микро трговци, кои што нема да воспостават ред и дисциплина пред нивните објекти беше предвидена глоба од 500 до 1.000 евра, додека за средните и големи трговци кои што нема да ги почитуваат одредбите предвидена е глоба од 1.000 до 2.000 евра.