Мариово и Трескавец во петте финалисти за најдобра филмска локација

646

Агенцијата за филм ќе биде присутна во рамки на виртуелното издание на Европскиот филмски маркет, што се одржува од денеска до 5 март. Агенцијата за филм закупи дигитален простор наменет за промоција на македонската кинематографија. На својот промотивен профил, вклучени се информации за институцијата но и за најновите остварувања кои во моментов се во завршна фаза на реализација.

Како дел од активностите во кои Агенцијата за филм зема учество, а се одржуваат во соработка со филмскиот маркет, е и претставувањето на младата ѕвезда Сара Климоска, која е дел од иницијативата Shooting Stars во организација на European Film Promotion.

 






Од Агенцијата посочија дека локација од филмот „Врба“ е финалист за наградата за најдобра европска локација (European Film Commissioners Network).

„Воедно, Европската мрежа на филмски комисии (EUFCN) кој е партнер на Европскиот филмски маркет, по четврти пат доделуваат награда за најдобра филмска локација (“Location award”), за локации кои се појавуваат во филмови од изминатата година. Ова е една до најважните награди за промоција на атрактивни локации за снимање на филмови. Како долгогодишна членка на Европската мрежа на филмски комисии, Агенцијата за филм за изминатата година го пријави прилепскиот регион, односно Мариово и Трескавец, атрактивните локации кои се појавуваат во филмот „Врба“ на Милчо Манчевски. Од вкупно 28 апликации, С. Македонија се наоѓа меѓу петте финалисти од Словачка, Германија, Италија и Литванија. Ова е втора година по ред како нашата земја е дел од финалистите, по минатогодишната номинација на локацијата каде е снимена „Медена земја“, истакнаа од Агенцијата за филм.

Утре ќе се одржи програмскиот дел на Европскиот филмски маркет каде продуцентите ќе имаат можност да ги претстават своите локации, виртуелно да разменат искуства и да се запознаат меѓу себе, а на крајот следи и доделувањето на Location Award.

Поврзани содржини