МАРИХУАНА ИЛИ АЛКОХОЛ, ШТО Е ПОШТЕТНО ЗА КОНСУМИРАЊЕ? Научниците дадоа одговор на прашањето околу кое се кршат копја!

Што е навистина поопасно за здравјето, да се напиете некоја чашка или да запалите џоинт, се обиделе да одговорат научниците. Дали е поздраво да се пуши или да се пие е прашање на кое немаме егзактен одговор, а еве што велат експертите за тоа.

1,533

Опасностите од консумирањето опијати им се генерално прилично добро познати на повеќето, но и покрај тоа, луѓето избираат да ги консумираат. Имено, луѓето кои повремено палат џоинт често посегаат по аргументот дека алкохолот е многу поштетен по здравјето од марихуаната или хашишот.

Но, што е навистина поопасно за здравјето, да се напиете некоја чашка или да запалите џоинт, се обиделе да одговорат научниците. Дали е поздраво да се пуши или да се пие е прашање на кое немаме егзактен одговор, а еве што велат експертите за тоа.






Алкохолот е цитотоксин кој брзо продира во телото преку крвотокот. Тоа го отежнува преносот на информации во мозокот, а поголеми количини може да доведат до труење со алкохол.

Растението канабис содржи повеќе од шеесет канабиноиди, од кои THC е класифицирана како најсилна психоактивна супстанција, а во нашето тело има голем број на рецептори на кои се „фаќаат“ канабиноидите, вклучувајќи го и THC.

 

Двете супстанции брзо влијаат на мозокот

 

Генерално, повеќе истражувања се посветени на ефектите на алкохолот, а што се однесува до истражувањето на канабисот, постојат дополнителни тешкотии бидејќи процентот на THC во растенијата многу варира.

Сепак, и двете супстанции многу брзо влијаат на мозокот, намалувајќи го нивото на концентрација и способноста за паметење.

Иако марихуаната ја намалува и способноста за возење, алкохолот е една од најчестите причини за сообраќајни незгоди. Кај поединци алкохолот ја нагласува агресивната природа и речиси секој трет чин на насилство се врши под дејство на алкохол.

Од друга страна, марихуаната опушта и смирува многумина, но може да предизвика чувство на паника и параноја.

 

„Повременото консумирање може да предизвика повеќе од 200 болести“

 

Но, луѓето кои пијат алкохол често го нарушуваат нивното здравје и го намалуваат животниот век. Иако притоа многумина ќе помислат на зависниците од алкохол, всушност и повременото консумирање може да предизвика повеќе од 200 болести, вели Улрих Џон, лекар од Универзитетскиот медицински центар во Грајсфвалд, Германија.

Тоа вклучува голем број на кардиоваскуларни заболувања, заболувања на црниот дроб и рак. Неодамнешните истражувања го отфрлија митот за позитивните ефекти од умереното консумирање алкохол. На пример, само три до шест чашки алкохол неделно го зголемуваат ризикот од рак на дојка.

Кога станува збор за канабисот, постојат индикации за неговата поврзаност со болести како депресија или рак на тестисите, а неколку студии откриле зголемен ризик од психоза, особено ако се започне на рана возраст.

 

„Околу пет проценти од сите смртни случаи се поврзани со консумирање алкохол“

 

Според процените на Јакоб Ментеј, научник кој ја истражува зависноста, околу пет проценти од сите смртни случаи се поврзани со консумирање алкохол.

Но, може да се претпостави дека има смртни случаи и заради консумирање канабис, додава германскиот психолог од Универзитетската клиника во Лајпциг.

Во Германија, во 2019 година, најмалку педесет и две лица загинале во сообраќајни несреќи во кои улога имал канабисот или некој друг вид наркотици. Понатаму, повеќе од осумдесет проценти од консументите покрај канабис пушат и тутун заради што се изложени на дополнителен ризик од рак.

 

Опасности за младите луѓе

 

Сепак, и алкохолот и канабисот во адолесценцијата го оштетуваат развојот на мозокот.

Рајнер Томасиус, германски универзитетски професор и психијатар за деца и млади, предупредува дека дури и повремената употреба на канабис го оштетува мозокот, орган кој сè уште не е целосно развиен до осумнаесеттата година од животот. Несаканите последици се намалени нивоа на интелигенција, внимание и концентрација.

Истражувањата исто така покажале дека ризикот од развој на психоза се зголемува три до пет пати во случај на дневно консумирање канабис, во зависност од уделот на THC.

„Неопходни се центри за рано откривање на психоза, ако општеството сака да дозволи употреба на наркотици, мора да се грижи за оние кои минуваат под радарот“, изјавил Андреас Хајнц, директор на Одделот за психијатрија и психотерапија во Универзитетската болница во Берлин.

Во адолесценцијата, постои поголем ризик од хоспитализација заради труење со алкохол. Оние кои почнуваат да пијат на рана возраст, подоцна се склони кон претерување, стануваат зависни.

 

Марихуаната ја консумираат 147 милиони луѓе

 

Според Светската здравствена организација (СЗО), марихуаната ја консумираат околу 147 милиони луѓе или 2,5 отсто од светската популација.

„Потрошувачката на алкохол е одговорна за три милиони смртни случаи секоја година на глобално ниво. Таа е одговорна и за лошото здравје на милиони луѓе. Генерално, злоупотребата на алкохол е одговорна за 5,1 отсто од глобалниот товар на болести“, соопштува Светската здравствена организација.

Додека потрошувачката на алкохол и тутун се намалуваат кај младите во многу земји, пушењето марихуана станува сè попопуларно, покажуваат истражувањата.

Здравствените експерти проценуваат дека потенцијалот за развој на зависност е ист за двете супстанции.

Сепак, за разлика од канабисот, одвикнувањето од алкохол носи особено тешки физички симптоми.

Поврзани содржини