Маричиќ – стиропор фасада на правосудните реформи?!

Неизвршувањето правосилни пресуди од Стразбур, бидејќи се задолжителни, како последица може да повлече санкционирање на државата со исклучување од членството во Советот на Европа. Зар уште тоа и треба на оваа држава?

2,195

Поминаа повеќе од три години, кога на 16 ноември 2017 година, Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП), ја објави пресудата бр. 3532/07, за случајот: „Православна Охридска Архиепископија (ПОА) против Бившата Југословенска Република Македонија (БЈРМ)“.

Во пресудата е констатирано дека: „БЈРМ го прекршила Членот 11 (кој се однесува за слободата на собирање и здружување), во врска со Членот 9 (за слобода на мислата, совеста и религијата) – од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП)“. Во суштина, одлуката е директна последица на одбивањето на домашните судови да ја регистрираат ПОА како посебен верски субјект во државата. По оваа пресуда, експресно следеше потврда на истата и од големиот Совет на судот во Стразбур.






Бидејќи реформите во судството не се апстракција, со пресудата од Стразбур на државата ѝ е наложено, а врз основа на Законот за извршување на одлуките на ЕСЧП: „да усвои и преземе мерки, заради отстранување на повредата и последиците кои настанале од истата“! Разумниот законски рок за спроведување ваква пресуда е приближно три месеци. Во конкретниов случај, поминати се цели три години од првообјавената пресуда за ПОА, а правосудните органи во Северна Македонија упорно одбиваат „да ги преземат мерките“ за „отстранување на последиците“ во однос на кршењето на уставно загарантираните човекови права, т.е. прават сѐ, само да не ја регистрираат ПОА како верски субјект. Така, одбивајќи да спроведат меѓународна пресуда за која се обврзале преку потпишувањето на ЕКЧП, од нашата држава прават карикатура во цивилизираниот, демократски свет.

Новиот министер за правда, г. Бојан Маричиќ е пред големи предизвици, бидејќи при преземањето на функцијата во неколкуте свои еуфорични настапи, истакна дека почувствувал „голема жед за правда во општеството“ и самиот си вети дека „негова мисија ќе биде да ја врати надежта на граѓаните во правосудството“. Тој исто така, јасно изјави дека: „владеењето на правото, деполитизацијата и прочистувањето на судството ќе бидат основни цели на реформите во правосудството“. Затоа, одбројувањето на времето за министерот Маричиќ веќе започна! Сега будно се следи неговата искрена желба, дали ќе остане доследен, своите заложби да ги спроведе на дело, токму преку предмети како погоре опишаниот. А, по сила на приликите, тој е сега и соучесник во споменатиот предмет, и можеби уште еден од креаторите на лошиот имиџ за земјава, доколку оваа пресуда од Стразбур не се спроведе на дело.

Имено, според Законот за извршување на одлуките на ЕСЧП, министерот за правда раководи со Меѓуресорската комисија, која има за цел „да го следи извршувањето на пресудите од Стразбур“ и да „препорачува поединечни мерки до надлежните државни органи за отстранување на повредите утврдени од Судот“. Комисијата со која раководи Маричиќ е обврзана да се состане најмалку еднаш во три месеци (што е приближно со времето на досегашното министерување на Маричиќ), па, таа или веќе се состанала, или многу скоро Маричиќ ќе мора да ги повика сите претседатели на најголемите судско-обвинителски инстанции во државата, почнувајќи од Уставниот Суд, па надолу. Неизбежна реалност пред учесниците на оваа Меѓуресорска комисија, а особено пред самиот Маричиќ, ќе биде, незрелоста на државата и нејзините правосудни органи во пристапот кон Европскиот суд за човекови права, особено во поглед на неспроведување негова пресуда, токму, преку примерот на оваа три години стара пресуда во полза на ПОА.

За помалку упатените, нештата стојат вака: Маричиќ, како министер за правда, за резултатите од својата работа во Меѓуресорската комисија, кога тогаш, ќе мора да даде одговор пред Комитетот на министри на Советот на Европа, кој врши надзор врз државите членки во однос на спроведувањето на пресудите од Стразбур. Доколку и тој, како и неговата претходничка, не ја имплементира оваа пресуда, нема да има оправдување за да го сокрие срамот на државата поради застранувањето од реформскиот, европски пат. Дополнително, го предочувам фактот дека неизвршувањето правосилни пресуди од Стразбур, бидејќи се задолжителни, како последица може да повлече санкционирање на државата со исклучување од членството во Советот на Европа. Зар уште тоа и треба на оваа држава?

Инаку, за информација на Маричиќ, јавно се достапни делови од коресподенцијата помеѓу ПОА и судијката Сузана Дончевска од Основниот суд Скопје 2, задолжена за извршување на пресудата на ЕСЧП. Оттаму, јасно се гледа тенденцијата на судот, по секоја цена да не го примени правото, да ја одложува регистрацијата на ПОА со беспредметни полемики, или пак, воопшто да не ја регистрира. Факт е дека домашниот суд повеќе нема основ да влегува во било каква полемика, да се дообјаснува и да го одолговлекува она што според меѓународното право е должен да го стори. Тој суд, самиот, веќе еднаш расправал за регистрацијата на ПОА, погрешно го применил правото, бил тужен и го загубил спорот во Стразбур. Ако Маричиќ искрено сака да го „прочисти судството“- како што вели, ќе треба да го погледне Членот 28 од Законот за извршување на одлуките на ЕСЧП, кој за одговорните лица, што не ги спроведуваат одлуките на ЕСЧП, предвидува – да одговараат согласно со закон.

Маричиќ, исто така, во низата негови најавени мерки, побара ЕУ мониторинг на судските предмети. Во оваа прилика ги повикувам евроамбасадорот г. Дејвид Гир, амбасадите на Франција, Холандија и др., будно да го следат процесот на неспроведување пресуда на ЕСЧП за едно од најсуптилните човекови права, какво што е правото на слобода на вероисповед, чие непочитување е несфатливото за 21 век. Дали ЕУ денес прифаќа вакви стандарди? Дали и Маричиќ е противник на овие слободи? Конечно, зошто се тие дипломати тука, ако не интервенираат кога има очигледно кршење на правото, и кога постојано повторуваат дека на врвот на листата приоритети за почеток на пристапните преговори со ЕУ се: Поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права, и Поглавјето 24 – правда, слобода, функционирање на демократските институции, итн.

На крајот, јавно ги прашувам, г. Маричиќ и дипломатите од ЕУ следново: ако членовите на Православната охридска архиепископија веќе имаат правосилна пресуда од ЕСЧП со која е докажано дека биле жртви на поранешните режими, дали треба да останат жртви и на сегашниот режим?

(авторот е дипломиран правник)

Поврзани содржини