Судските такси се значително намалени од денес. Ако во минатото тие можеа да изнесуваат до 48.000 денари, сега нема да платите повеќе од 6.000 денари. Трошоците за судските такси, во првостепена постапка, ќе се движат од 480 денари до 6.000 денари, во зависност од вредноста на спорот, рече министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес конференција.
Новиот тарифник е во сила од денеска, додаде министерот, а износите за предмет во првостепена постапка се за околу осум пати намалени во однос на претходните цени.
– Очекуваме ваквите промени да бидет во интерес и на адвокатите и вештаците, бидејќи граѓаните ќе бидат охрабрени по судски пат да стигнат до правдата – рече Маричиќ.
Новиот тарифник за тужба, противтужба и за предлог за повторување на постапка според вредноста на спорот до 10.000 денари судската такса ќе изнесува 480 денари. Потоа, до 20.000 денари ќе чини 800 денари, над 40.000 денари 1.200 денари, над 60.000 денари 1.800 и над 100.000 денари ќе се плаќа 2.000 денари.
– Доколку е потребно да ја истерате правдината до крај и да ги искористите сите редновни и вонредни правни лекови, постарата тарифа за истиот спор кој го споменав ќе платевте вкупно 288 илјади денари судски такси, односно 2% за тужба, одлука 2%, жалба 4% и ревизија 4%. По новата судска такса најмногу може да потрошите вкупно 36 илјади денари, или за 2 52 илјади денари помалку, доколку се жалите – вели Маричиќ.