МАРИЧИЌ НЕ ЗНАЕ ДЕКА ИМА МАКЕДОНЦИ ВО БУГАРИЈА? Ако некои луѓе се декларираат така, никој не може да им го ускрати тоа

Нивниот статус во државата Бугарија зависи од уставното уредување на Бугарија и од правата коишто им ги дава таа држава, вели вицепремиерот.

992

Се обидов само да се држам во рамки на Уставот кој јасно ја утврдува улогата на нашата држава во однос на заштитата на македонскиот народ и нашите државјани. Принципиелно, само го кажав тоа што стои во нашиот Устав и што е наша обврска, без никому да ускратат какво било право.

Вака вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ ја објаснува неговата вчерашна изјава дека не е на Северна Македонија да кажува каде какво малцинство има во регионот зашто тоа е внатрешно прашање на земјите, вклучувајќи ја и Бугарија.






Во интервју за телевизија Телма, Маричиќ нагласува дека за сите отворени прашања со Бугарија, вклучувајќи го и ова, за малцинствата, ќе се разговара.

На прашањето дали има македонско малцинство во Бугарија, вицепремиерот одговори: „Ако таму има луѓе кои така се декларираат, како Македонци, тоа е нивно право и тоа никој не може да им го ускрати. Нивниот статус во државата Бугарија зависи од уставното уредување на Бугарија и од правата коишто им ги дава таа држава“.

Тој е дециден дека секој има право да се декларира како што мисли дека треба.

– Нашиот Устав, со 36 амандман од 2019 година, јасно ги утврдува улогата на нашата држава во однос на заштита и на македонскиот народ, но исто така и на нашите државјани. Во тој член од Уставот е утврдено дека РСМ се грижи за правата и за културниот идентитет на македонскиот народ, но и исто така дека се грижи за своите државјани надвор од државата, потенцирам за државјаните кои се во државјанска врска со државата и дека се грижи исто така за деловите на сите други народи кои живеат во РСМ, а се наши државјани и за нивната врска со татковината. Тоа е наша обврска и тоа мора и треба да го правиме. Но, исто така, во истиот амандман, се потенцира дека Северна Македонија нема да се меша во внатрешните прашања на која било друга држава, ниту пак на државите од соседството. Тоа ми беше поентата да го кажам, притоа не негирајќи било што или било кого. Секој има право во Европа да се декларира како што која етничка припадност мисли дека ја има и тие свои права да ги остварува во рамките на државата каде што живее – објасни Маричиќ.

Според него, затоа постојат и голем број конвенции, принципи, повелби и декларации кои ги заштитуваат малцинските права.

– Не би сакал да го коментирам Петков. Можам само да кажам дека за сите отворени прашања ќе разговараме во текот на овој процес што го отворивме денес со неговата посета и ќе имаме можност и на ова да се осврнеме. Принципиелно, само го кажав тоа што стои во нашиот Устав и што е наша обврска, без никому да ускратат какво било право. Напротив, мислам дека секој има право да се декларира како што мисли дека треба, а отвореното прашање, кое било отворено прашање, вклучувајќи го и ова, ќе имаме прилика да го разговараме. Прашањата што се отворени меѓу нас и Бугарија се повеќе, не е само едно. Не би било добро поединечно сите прашања да ги коментираме и решаваме. Затоа е толку обемна и структурата што ќе работи на овие отворени прашања: економија, транспорт, историја, европски интеграции, образование и култура. Сите или голем број од прашањата ќе се решаваат во еден поголем пакет. Во таа смисла, секако дека ќе се осврнеме и на ова прашање – истакна Маричиќ.

Со заеднички чекори, од двете страни, решено е едно отворено прашање кое ни претставуваше проблем во дел од меѓународните организации, вели вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ во врска со одлуката на Бугарија да го користи скратеното име на нашата држава – Северна Македонија.

Ова, според Маричиќ, е гест на добра волја од двете страни за да се стекне натамошната доверба.

– Со овој чекор кој е едно од отворените прашања, решаваме еден проблем – затвораме едно прашање и креваме една од блокадите. Со ова се затвора еден проблем. Бугарија практично ја менува својата позиција и почнува да го користи краткото име. И премиерот Петков денеска неколку пати го употреби скратеното име – Северна Македонија. Решено е едно отворено прашање кое нам ни предизвикуваше проблем во дел од меѓународните организации. Ова е тема која скоро две години е отворена и со неа се оспоруваше нашето право да се нарекуваме со кратко име – рече Маричиќ во интервју за Телма телевизија.

Поврзани содржини