Маричиќ: Измените на Законот за попис ќе бидат со европско знаменце, така се оневозможува поднесување амандмани
Очекувам измените да бидат испратени денеска, а да бидат усвоени од пратениците најдоцна до утре. Не се работи за суштински измени и мислам дека брзо ќе биде усвоени во Собранието, рече министерот за правда.
Нема да биде потребно многу време за да се извршат измените на Законот за попис, рече министерот за правда Бојан Маричиќ, одговарајќи на прашањето кога може да се очекува Собранието официјално да ја одложи статистичката операција.
– Измените на Законот за попис ќе ги дадам на седницата на Влада која е закажана денеска, каде ќе предложам веднаш да бидат испратени во Собранието. Едната измена се однесува на датумот, а другата е за можноста иселениците да се самопопишуваат до последниот ден од теренското попишување на резидентното население во земјава. Очекувам измените да бидат испратени денеска, а да бидат усвоени од пратениците најдоцна до утре. Не се работи за суштински измени и мислам дека брзо ќе биде усвоени во Собранието – рече Маричиќ.
Тој додаде дека Законот за попис беше примарно предложен со европско знаменце, па затоа ќе предложи и измените да бидат поднесени со европско знаменце и во скратена постапка, со цел да се исполнат роковите договорени вчера меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
– Со тоа се оневозможува поднесувањето на илјадници амандмани и не верувам дека ќе има некакви блокади – рече министерот.