Маричиќ: Ќе воспоставиме ред во затворите и ќе ги подобриме условите

194

Министерот за правда Бојан Маричиќ оствари средба со висока делегација предводена од претседателот на Европскиот комитет за заштита од тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување, Микола Гнатовски, со кој разговараше за состојбата со затворите и воспитно-поправните домови во земјава, соопшти Министерството за правда.

Министерот Маричиќ на претседателот на Европскиот комитет за заштита од тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување, му кажал дека и покрај тоа што на функцијата министер е само три месеци, има точен увид за што се случува во затворите, но и за условите во кои престојуваат некои од осудените лица и дека од неговото назначување за министер, ставањето ред во овие установи и подобрувањето на условите за престој на осудените и притворени лица е врвен приоритет.






– На високиот гостин му беа презентирани работите кои беа направени или започнати изминатиот период пред сè завршувањето на новиот Воспитно-поправен дом во Волковија, тетовско, каде малолетниците се сместени во објекти направени по највисоките европски стандарди – велат од Министерството за правда.

Дополнително Маричиќ на Гнатовски му го презентирал амбициозниот план за реконструкција на неколку затвори во Северна Македонија, вклучувајќи го Идризово и Истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари. Токму за овие два најчесто пристигнуваат забелешките за условите во нив, но и за непочитување на правилата, а токму затоа наредниот период паралелно со подобрувањето на условите ќе се работи и за ставање ред во сите затвори низ државата.

Поврзани содржини