МАРИЧИЌ ДОБИВА НОВА ФУНКЦИЈА Од министер за правда станува нов вицепремиер за евроинтеграции?
Ротацијата на Маричиќ е само една од промените на ресори кои ги планира идниот мандатар Димитар Ковачевски.
Бојан Маричиќ ќе биде нов вицепремиер за евроинтеграции, потврдува за ТВ 24 висок владин функционер. Освен Маричиќ најверојатно нов вицепремиер ќе има и за борба против корупција, додека Фатмир Битиќи останува потпретседател за економски прашања.
Ротацијата на Маричиќ е само една од промените на ресори кои, според истиот функционер, ја планира идниот мандатар Димитар Ковачевски. Во можните ротации се споменува и Љупчо Николовски за во одбрана, иако тоа сè уште виси.
Ново име кое се очекува во извршната власт и од кое Ковачевски наводно инсистирал да преземе поголема одговорност е и заменичката претседателка во СДСМ Сања Лукаревска. Извесно е дека пратеничката фотелја ќе ја напушти и Славјанка Петровска, која во техничката Влада лани беше дополнителен министер во МВР.
Сè уште не е пресечено дали Петровска ќе оди во некои од министерствата или ќе добие една од директорските функции во безбедносните агенции. Доколку станува министерка во игра се неколку ресори, меѓу кои и правда, како и МВР, во случај Ковачевски да пресече дека Оливер Спасовски освен од партиската функција треба да си замине и од министерската, особено по поразот на неговиот фаворит во Куманово.
За министер за транспорт и врски се споменува Петре Шилегов, додека наводно Игор Ивановски ја одбил понудата на Ковачевски за министер за образование.
Актуелната министерка Мила Царовска денеска самата најави повлекување.