Маричиќ да му објасни на Ковачевски што е „Европа со повеќе брзини“

Изразот „Европа со повеќе брзини“ генерално се користи за означување на европско интегрирање во кое сите земји-членки не учествуваат во сите заеднички политики. Државите кои не сакаат, или од разни причини не можат, или не ги исполнуваат критериумите за учество во една од политиките, можат да се исклучат себеси и да ги остават другите да напредуваат во некоја област. Европа со повеќе брзини, исто така, може да се означи со „Европа со две брзини“, „Европа со променлива геометрија“ или „Европа à la carte“.

2,846

Место да си „пулам работа“, како што велеше дедо ми Јосиф, читам кој што кажал за проширувањето и за реформата на ЕУ. Така, налетав на изјавата на нашиот премиер, кој има, најблаго речено, чудно толкување на изјавата на Макрон за Европа „во повеќе брзини“.

За Канал 5 „премиерот истакна дека Северна Македонија е првата земја од регионот на Западен Балкан која предничи во подготвеноста и може пред сите, да стане членка на Унијата“.

– „Европа со повеќе брзини” се однесува и на земјите од Западен Балкан, во повеќе брзини значи оние коишто први ќе се подготват, ќе ги направат потребните реформи, ќе направат комплетно усогласување за законодавството, комплетно усогласување на спроведување на законодавството во институциите, тие први ќе се приклучат на ЕУ. Тоа и се потврди со нас – подвлекува премиерот.

Е тука моето „пулење работа“ направи рикверц, кон моето 35-годишно следење во детали на развојот на европската конструкција. Плус, како се потврдило, не разбрав. Ако некој разбрал, го молам да ми објасни.

„Европа во повеќе брзини“ е стара идеја, од раните 1990-ти години, од времето кога прв човек на ЕК беше Жак Делор.

Изразот „Европа со повеќе брзини“ генерално се користи за означување на европско интегрирање во кое сите земји-членки не учествуваат во сите заеднички политики. Државите кои не сакаат, или од разни причини не можат, или не ги исполнуваат критериумите за учество во една од политиките, можат да се исклучат себеси и да ги остават другите да напредуваат во некоја област.

Тоа веќе се применува, со Еврозоната или Шенген.

Европа со повеќе брзини, исто така, може да се означи со „Европа со две брзини“, „Европа со променлива геометрија“ или „Европа à la carte“.

А кој прв ќе биде подготвен за членство е политика која секогаш била применувана и по европски се вика „напредок според заслугите“. Дали ЕУ навистина ја применува оваа политика, или се задоволува со декларации, е друга тема.

Како и да е, дебатата за проширувањето во ЕУ е широко отворена и ќе трае во наредните месеци. Отворена е и дебатата за реформа на европските повелби. Некои земји сакаат реформа, други – не. И во двете групи има големи земји, а, како што е познато, ЕУ функционира со консензус.

Денес не постои човек на планетата кој би можел да каже дали ќе има реформа на ЕУ и ако да, каква ќе биде. Проширување ќе има, но никој исто така не знае какво ќе биде. За полноправното, какво што сакаме, имам мнооогу сериозни сомнежи.

Дали овие дебати ќе донесат резултат е исто така отворено прашање. Во ЕУ во мај има избори, па, како што е добро познато, реформи пред избори тешко одат. Она што супер добро оди е правење ќеиф на гласачите, кои, да се потсетиме, не се воодушевени од проширувањето. Така е кај нас, така е насекаде.

Драго ми е што вицепремиерот Маричиќ сосема добро ја разбрал изјавата на Макрон. Сега треба само да му ја објасни на неговиот шеф.

Конечно, нема да се навраќам на споредбата што премиерот ја направи помеѓу себе си и Шпанецот Педро Санчез. Само тие што ништо не знаат за Шпанија и Санчез, можат да поверуваат во оваа изјава.

(Фејсбук статус на авторката, насловот и поднасловот се редакциски)

 

Поврзани содржини