МАРИЈАН ИЛИЧ Е „ЌЕРКА НА МАКЕДОНИЈА“ Најбогатата Македонка во светот доби награда и ги трогна присутните со своите зборови

На 92 години, Маријан Илич испрати емотивна порака до Македонците во Америка и најави можност „Литл Цезарс“ пиците да стигнат и во Македонија.

1,409

Најбогатата Македонка во Детроит, 92-годишната Маријан Бајоф Илич, е добитничка на наградата „Ќерка на Македонија“ што ја додели Обединетата македонска дијаспора (ОМД) на гала вечерта по повод 20-годишниот јубилеј на организацијата. Настанот се одржа во Детроит, а присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.

– Ги сакам Македонците, добро го зборувам јазикот, но често имаме забавни случки со нашите деца бидејќи не го знаат македонскиот. Многу често ме прашуваат како се кажува ова, како се кажува она и јас им одговарам. Јас сум горда што сум Македонка, навистина сум горда…ние сме добри луѓе – изјави Илич при доделувањето на признанието.






Таа им порача на присутните Македонци од цела Америка дека треба да бидат горди на своето потекло.

– Сите вие овде, секој еден од вас, треба да сте среќни за вашите семејства, да бидете со крената глава. Многу не знаат каде е Македонија. Мајка ми е од Буф, татко ми е од Битола, сум била кај моите баби и дедовци, таму е прекрасно – додаде Илич, откривајќи дека нејзините деца сакаат повторно да ја посетат нашата држава.

Илич ја сподели и семејната приказна – љубовта на нејзините родители, која започнала во Мичиген.

– На времето мајка ми требало да се венча за друг, но кога го разбрал тоа татко ми, веднаш дошол во Мичиген и успеал да ја спречи венчавката, а потоа се оженил со неа – рече таа.

Родена во Мичиген, Маријан Бајоф Илич е македонско-американска стопанственичка која заедно со својот сопруг Мајк Илич го основа светски познатиот синџир на пицерии „Литл Цезарс Пица“ со 4.000 ресторани за брза храна низ целиот свет.

Со насмевка се осврна и на бизнисот, истакнувајќи: „Единственото нешто што не ни текнало е да го прошириме и кај нас. Ќе треба да ја однесам екипата на мојот сопруг во Македонија за да ги донесеме Цезар пиците таму.“

Според Блумберг, Илич е една од седумте најбогати жени во светот, а признанието од ОМД го доби како симбол на гордост и благодарност за нејзиниот придонес и успех, но и за нејзината посветеност на македонското наследство.

Поврзани содржини