МАРГИНАЛЕН ПРОРУСКИ ПОЛИТИЧАР ОД БУГАРИЈА САКА ДА Ѝ НАШТЕТИ НА МАКЕДОНИЈА Вреди со остра осуда на провокациите од Костадинов

Ваквите изјави не придонесуваат кон подобрување на односите меѓу двете соседни земји, ниту пак го олеснуваат процесот за интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, соопшти Вреди.

899

Вреди изразува загриженост и ги осудува изјавите на некој маргинален проруски политичар во Бугарија кој тврди дека „нема ништо пологично од припојување на Македонија кон Бугарија“, соопшти денеска владејачката коалиција.

Реакцијата се однесува на тешката провокација од Костадин Костадинов, претседател на бугарската партија „Преродба“, која е трета сила во бугарскиот парламент.






„Ваквите изјави не придонесуваат кон подобрување на односите меѓу двете соседни земји, ниту пак го олеснуваат процесот за интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Сакаме да потсетиме дека Бугарија, со Договорот за добрососедство, се обврза да биде партнер, промотор и поддржувач на Северна Македонија на патот кон членство во Европската Унија. Коалицијата Вреди во рамки на Владата вложува сериозни напори за отстранување на пречките за исполнување на условите за полноправно членство во ЕУ. Но, ваквите провокации го враќаат процесот назад и прават штета на искрените напори за динамизирање на патот на Северна Македонија кон целосна интеграција во европското семејство“, сииопти Вреди.

Вреди ќе продолжи да работи на заштита на интересите на граѓаните и на обезбедување сигурен пат кон европските интеграции, се додава во соопштението.

Министерството за надворешни вчера соопшти дека „силно ја осудува објавата на Костадин Костадинов, со која изразува јасни територијални претензии кон нашата држава“.

„Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење добри меѓусоседски односи“, се наведува во реакцијата на македонското МНР.

Министерството ја оцени изјавата на Костадинов како недолична и непримерна и очекува да биде отфрлена од официјална Софија.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова рече дека „ова е непристоен предлог, намерата не е чесна, намерата не е заради почит“.

„Намерата вака да се искаже еднострано, всушност значи непочитување, значи непризнавање. Тогаш мојот коментар е дека фрустрации се во прашање“, рече Сиљановска Давкова.

Претседателот на СДСМ Венко Филпче, исто така, остро ја осуди изјавата на Костадинов и побара да реагираат официјална Софија, Владата и ЕУ.

Поврзани содржини