МАРАТОНЦИТЕ ИСТРЧАА, АМА ОСТАВИЈА ЕДЕН КУП ЃУБРЕ Екипите на Комуналец го светнаа градот по маратонот
Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје беа во акција за да го исчистат градот по маратонот, собрани се околу 50 кубни метри отпад.
Неколку часа по завршувањето на традиционалниот Скопски маратон, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје беа во акција за да го исчистат градот од отпадот оставен од учесниците и посетителите на овој спортски настан. Според првичните проценки, собрани се околу 50 кубни метри отпад.
Најголема концентрација на отпад беше забележана во централното градско подрачје, особено на плоштадот Македонија, Кејот „13 Ноември“, улиците Димитрија Чуповски и 11 Октомври, како и на сите останати улици и булевари на патеката на маратонот. Особено предизвикувачки беше чистењето на деловите каде што беа поставени водните станици за натпреварувачите.
„И покрај големата количина на отпад, нашите екипи брзо и ефикасно ја завршија работата и градот повторно засија во својот најдобар изглед“, велат од јавното претпријатие.
Оваа година, организаторите на маратонот во соработка со ЈП Комунална хигиена преземаа дополнителни мерки за да се минимизира количината на отпад, како што се поставување на повеќе контејнери за одложување на отпадот и кампањи за свесност кај учесниците и граѓаните. Сепак, големиот број на натпреварувачи околу 13.400, како и луѓето кои им даваа поддршка на маратонците резултираше со значителна количина на отпад.