Мамка за сомови

740

Ако не сте рибар, морате да им верувате на рибарите. А тие велат дека за секој вид риба има посебна мамка. Нешто слично е и во политиката, оваа македонската. Но и не само во неа туку во целото општество. Иако кај нас всушност нема којзнае колку различни видови риби. Мнозинството – ние граѓаните – с(м)е сомови, а тие, бидејќи важат за најглупав вид риби, најлесно се ловат. За нив дури и не треба мамка. Само гола јадица.

Во самата суштина, таква беше – гола – и онаа неодамнешна јадица викана „лидерска средба“, каде два „капитални“ примероци на македонската политикантска „елита“, сместени на дуплекс кајчето среде мирните води на Клубот на пратениците. Иако многумина ќе речат дека на неа сепак имаше мамка, според некои токму онаа највкусната за нас сомовите – или плебсот, како сакате – викана национална коалиција или широка македонска владина коалиција. Се разбира без ДУИ, означена како најкриминален елемент во последниве дваесетина години во македонската политика. Како нашиве „прогресивци“ и „конзервативци“, „леви“ и „десни“, да се малоумни, малолетни, неуки деца лажени и мамени од немакедонскиот фактор во власта цели две децении! Како впрочем и денес, со славните коридори вредни цело едно богатство што го немаме, а што тие као ни го продаваат а нашиве као мораат да се согласат.






А за мамката да биде поцврсто и подобро наместена, таа ДУИ вели: да, се согласуваме да не бидеме во владата што ќе се формира по усвојувањето на уставните измени. Амен и иншалах, едновремено! (Иако само до новите избори, нели!).

И по којзнае кој пат во овие две-три децении го гледаме истиот театар – или лов на сомови, како сакате – каде „лидерите“, во различен формат, се состануваат и решаваат за судбината на рибниот фонд на земјава, особено за неговиот дел викан сомови: ќе бидат печени или пржени, или подготвени на некој „а ла франка“ начин. Како во земјава да нема институции на системот, како да нема Устав и закони кои регулираат како се решаваат најгорливите прашања за судбината на земјата и народот, како Македонија да се сведе на договорна држава на два-тројца полуписмени чауши кои ни решаваат сѐ по список. Зошто тогаш, по ѓаволите, организираат избори и трошат наши пари, зошто онаа и онолкава администрација и функционери со онолкави плати…, кога сето тоа може да се реши, и се решава, на таков едноставен начин? И зошто, впрочем, ни е онаа Европска Унија во таков случај? Само да ни дотура пари коишто овие бараби ќе ги арчат за свои потреби?

Ако само за миг го вратевте филмот од последниве неколку години и се потсетевте што сѐ македонскиве „лидери“ си кажаа едни на други и едни за други, што сѐ се говореше и во Собраниено и неговите божемни комисии…, ќе ве фатеше страв што ќе си кажат на „лидерската“ и ќе молевте бога да не си ги извадат очите. Колку само години затвор си поделија меѓусебно, колку кривични пријави навестија, уште само бесилки да поставеа. Едните за другите, секој во својот атар. Но тогаш се појавува чудото викано широка национална коалиција – и тоа без ДУИ! – во којашто Македончето конечно ќе се здружи контра домашните и меѓународните врагови. И наместо онаа малоумна „национална жртва“ да ја дава некакво „кривоверно“ акционерско друштво, сега таа ќе се трансформира во пирова победа на некаква правоверна „национална коалиција“. Завеса, и – аплаузи од сите страни. Особено од т.н. меѓународна заедница. Уште еднаш Македонија покажува колку е кооперативна: добива право на избор кој ќе ја потпише жртвата!

И во јавноста сега одново окупација од ерупции на „експертско“ ракоплескање – од обете до вчера „завојувани“ страни – за длабокоумноста, за широкоградоста, за визионерството… Меѓу нив и оној со белата и црната мачка којашто, за жал, не лови глувци туку само прави промаја со опашката. Тук-таму ќе се појавува и некоја од оние изветвени политикантски ведети а ла Шеќеринска повторно да одржат некое од нивните незаборавни бескрвни предавања за актуелниот миг и што треба да се прави, ќе ги бодрат двете страни да издржат на тешкиот пат на македонските евроинтеграции… итн., итн. Ама никој нема јавно да праша што мислат за ваквите „коалиции“ гласачите, како тие се чувствуваат кога така се крчми нивниот глас даден на избори за една или друга опција и како тоа се влегува во Влада прекутрупа, а и се излегува богами – и зошто – на истиот начин? Зарем никој нема да праша: извинете, вие нормални ли сте?

Но ако македонскиот гласач е оној сом што се лови на гола национал-романтична јадица, зарем ни онаа македонската „интелектуална“ јавност нема да праша како тоа една партија така жизнерадосно прифаќа да се самоисклучи од власта, ниту пак како, и зошто, друга партија така благонаклонето раздава министерски места, а третата така нестрпливо одвај чека да го смести задникот на иста владина маса со оние кои до вчера ги етикетираше како криминалци. Или и таа (безагласна) „јавност“ верува на „конструктивната“ и беспоговорна поддршка од суријата „аналитичари“ кои веднаш овој риболов го прогласија за „важен чекор“, дури и за легитимен и легален потег, па и здрав политички дијалог од кој сите излегуваат како – победници (sic). Освен сомовите како улов, се разбира.

Но, очигледно, ни сомот како најглупава риба не поставува такви прашања. Всушност, не поставува никакви прашања сѐ додека ја оставаат да се препелка во тињата викана Македонија, да мисли дека е жива и плива, ја убедија дека тињата е пристојна и еколошка средина, благодарна е дури и за сувите корки леб викани просечна плата што му ги фрла власта… Затоа, и оваа скаламерија ќе помине тивко и малтене нечујно. Нејзините последици ќе бидат видливи бргу, но ќе бидат непроменливи. Забетонирани, што би рекла власта. И сите од неа ќе излезат со „чисти раце“ – ДУИ веројатно најчиста! – и сите со своите „натчовечки напори“ во полза на иднината на Македонија итн. Дури и ЛДП, којашто нема ништо против ВМРО да влезе во Владата. Урааа!

П.С.

Планираното општо задоволство малку им го расипува мистер Бејли со неговата „гаранција“ дека стратешкиот ни партнер „ќе биде разочаран ако има друго вето“ од страна на источниот сосед! Што баш и не е некаква гаранција, нели? Или не е онаква каква што бара(ше) опозиција, и не само таа. Или на нашиве риболовци им е и тоа доволно штом сомовите молчат? А и бргу забораваат, особено оние и онакви закани од еден стратешки сенатор!

Извор: Теодосиевски уметност

 

Поврзани содржини