Малолетник пукал во малолетник, силувана скопјанка, тинејџер купувал со фалс евра

603

АЛБАНЕЦ ШЕТАЛ СО НОЖ И БОКСИРАЧ ПО ТЕТОВО -На 30.09.2020 околу 20.50 часот во близина на крстосницата на улиците „107“ и „Благоја Тоска“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода Е.Н.(22) од Република Албанија, кој непријавено престојувал на подрачјето и кај кого биле пронајдени нож и метален боксирач. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово за натамошна постапка и ќе му бидат изготвени поднесоци согласно Законот за странци и Законот за оружје.

КАЈ КИЧЕВЕЦ ВО ЏИП ПРОНАЈДЕН НОЖ – На 30.09.2020 околу 15.30 часот на ул.„Рудничка“ во Кичево, при преглед на моторно возило џип „Чироки“, со кичевски регистарски ознаки, управувано од Д.К.(48) од Кичево, полициски службеници пронашле и одзеле нож. По целосно документирање на случајот, ОВР Кичево ќе поднесе соодветна пријава.






ПРИВЕДЕН АЛБАНЕЦ, ИЛЕГАЛНО ПРЕСТОЈУВАЛ ВО ГОСТИВАР – На 30.09.2020 во 19.20 часот на ул.„Браќа Ѓиновски“ во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го привеле Д.Х.(27) од Република Албанија, кој непријавено престојувал на подрачјето. Тој бил задржан во Полициската станица Гостивар за натамошна постапка.

ДВАЈЦА ШТИПЈАНИ ПРИВЕДЕНИ ЗА КРАЖБА – На 30.09.2020 во 16.45 часот, полициски службеници од Полициската станица Штип ги лишиле од слобода Ф.И.(31) и Ј.М.(17), двајцата од Штип, поради постоење основи на сомнение дека се извршители на кривични дела „кражба“ на подрачјето на Штип.

ПРИВЕДЕНИ ТЕТОВЕЦ И ГОСТИВАРЕЦ ЗА ЗАКАНИ И АГРЕСИЈА – На 30.09.2020 во 14.15 часот во СВР Тетово, И.Ш. од с.Градец, гостиварско, пријавил дека околу 12.45 часот во с.Добридол, гостиварско, З.М.(46) и Н.Ј.(56) од ова село му се заканувале и се однесувале агресивно кон него. Двајцата биле лишени од слобода и задржани во Полициското одделение Галате за расчистување и документирање на случајот.

ТИНЕЈЏЕР КУПУВАЛ СО ФАЛИФИКАТ ЕВРА – На 30.09.2020 околу 20.10 часот на ул.„Никола Парапунов“ во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово – Одделение за внатрешни работи Гостивар лишиле од слобода 17-годишник, исто така од Гостивар, поради сомнение дека пуштил во оптек фалсификувана банкнота од 50 евра. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СЕ БАРА 22-ГОДИШЕН АЕРОДРОМЕЦ – На 30.09.2020 во 18 часот во Полициската станица Аеродром, С.С.(56) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот син М.С.(22). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

ИЗЕЛ ЌОТЕК ПРЕД КАЗИНО – На 01.10.2020 во 02.25 часот во СВР Скопје, М.Џ.(44) од с.Крушопек, скопско, пријавил дека на 30.09.2020 околу 23 часот во казино на бул.„Метрополит Теодосиј Гологанов“ бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СЕ СТЕПАЛЕ ДВАЈЦА СКОПЈАНИ – На 30.09.2020 околу 14 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Војдан Чернодрински“, по претходна расправија, настанала физичка пресметка помеѓу Р.Д.(51) и Г.А.(48), двајцата од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

НАПАД ВРЗ СКОПЈАНЕЦ – На 30.09.2020 околу 17.45 часот во СВР Скопје, А.К.(28) од Скопје пријавил дека околу 17.30 часот на ул.„Атанас Разделов“ бил физички нападнат од В.Н. и М.Н. од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СИЛУВАНА СКОПЈАНКА – Во СВР Скопје бил лишен од слобода Г.В.(55) од Скопје, поради сомнение дека на 29.09.2020  физички нападнал и извршил обљуба врз 46 – годишна скопјанка. Се работи на целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе следи соодветен поднесок.

ПОВРЕДЕНА ПАТНИЧКА ПРИ СУДАР НА КОМБЕ НА МВР  СО АВТОМОБИЛ – На 30.09.2020 околу 8.45 часот на бул.„Борис Трајковски“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу комбе сопственост на МВР , управувано од Ѓ.Н.(46) од Велес и патничко возило „фолксваген голф“, со скопски регистарски ознаки, управувано од З.М.(49) од Скопје. Во незгодата, со повреди се здобила сопатничката од возилото „фолксваген голф“, Х.Т.(48) од Скопје. Увид на местото на незгодата извршила увидна екипа од СВР Скопје.

КАВАДАРЧАНЕЦ КАСНАТ ОД КУЧЕ – На 30.09.2020 околу 07.00 часот во Полициската станица Кавадарци, М.Т.(29) од Кавадарци пријавил дека на ул.„Народна младина“ бил каснат од куче домашен миленик. Против сопственикот на кучето ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОХРИЃАНЕЦ НА ДИВО СИ ГРАДЕЛ ВИКЕНДИЧКА – ОВР Струга поднесе кривична пријава против М.А.(63) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено криивчно дело „бесправно градење“. Тој, во својство на сопственик на катарстарска парцела во нас.Калишта, без соодветно одобрение и спротивно на основниот проект, започнал со изградба на викенд куќа. Од извршениот инспекциски надзор, донесено е решение со кое на инвеститорот му се наложува да отстрани дел од започнатата градба.

ЖЕНА КАСНАТА ОД КУЧЕ – На 30.09.2020 во 11.10 часот во СВР Скопје, Г.Б.(55) од с.Јурумлери, скопско, пријавила дека на ул.„Филип Втори Македонски“ била касната од куче скитник.

ДВАЈЦА СКОПЈАНИ НА ЕЗЕРОТО ТРЕСКА СЕ ЗАКАНУВАЛЕ НА ПОЛИЦАЈЦИ – СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ј.И.(36) и Б.Џ.(27) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 08.09.2020 влезот во езеро Треска пријавените се однесувале агресивно и се заканувале на полициски службеник кој извршувал службени дејствија.

НЕУСПЕШЕН ОБИД ЗА КРАЖБА ВО ЖИВИНАРСКА ФАРМА – Полициски службеници од СВР Скопје – ЕВР Аеродром и Драчево ги привеле Е.Б.(22), М.Д.(25) и А.Д.(31), сите од село Елово, поради основано сомнение дека на 24.09.2020 се обиделе да извршат тешка кражба во живинарска фарма во с.Маркова Сушица, сопственост на Р.Р. од село Батинци, при што со употреба на погоден предмет се обиделе да ја исечат металната конструкција од шталата. Со нив бил извршен разговор, а по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

КАЈ ОХРИЃАНЕЦ ПРОНАЈДЕНА МАРИХУАНА – СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.В.(20) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 22.09.2020 на крстосница од бул.„Туристичка“ и ул.„АСНОМ“ во Охрид, полициски службеници извршиле контрола во патничко возило во кое пријавениот бил сопатник и при преглед кај него била пронајдена марихуана. На него му била одредена мерка притвор до 30 дена.

НАМЕСТО ВО КУЧЕ МАЛОЛЕТНИК ЗАСТРЕЛАЛ ДРУГ МАЛОЛЕТНИК – На 30.09.2020 околу 16 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Копаница, скопско, 16-годишник од с.Бојане, скопско, бил повреден со огнено оружје. Тој бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување помош, а во врска со настанот од слобода бил лишен 16-годишник од с.Копаница, скопско, за кој било пријавено дека пукал во куче, но го погодил малолетникот. Пиштолот бил пронајден и се преземаат мерки за расчистување на настанот и утврдување на причините за пукањето.

ОХРИЃАНКА ШЕТАЛА НАМЕСТО ДА БИДЕ ВО САМОИЗОЛАЦИЈА – СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.М.Ш.(40) од с.Велгошти, охридско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 11.08.2020 полициски службеници извршиле контрола во домот на пријавената дали се придржува до мерката за задолжителна изолација, но таа не била затекната таму.

ШТИПЈАНКА НЕ ПОЧИТУВАЛА САМОИЗОЛАЦИЈА – СВР Штип поднесе кривична пријава против В.П.(54) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија”. На 03.06.2020, полициски службеници извршиле контрола во домот на пријавената, каде требало да биде во изолација, но таа не била затекната дома.

 

Поврзани содржини