Малолетник што случајно поминувал во паркот меѓу улиците Никола Русински и Карпошево востание во скопски Карпош е потешко повреден откако врз него паднало дрво, информираат од Општина Карпош.
Детето, додаваат оттаму, со повреди на телото било пренесено во Ургентниот центар.
„За жал, неодговорноста зема данок. И тоа данок кој директно го загрозува човечкото здравје“, се наведува во соопштението од Општина Карпош.
Инцидентот се случил на пет метри оддалеченост од пунктот на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.
„Претпријатието е должно, согласно Законот за локална самоуправа, да го исече ова дотраено дрво. Одговорноста на ’Паркови и зеленило’ е уште поголема зашто истото дрво било обележано и тоа подолго време за сечење, меѓутоа, како и во стотици други случаи, Јавното претпријатие и Градот Скопје остануваат глуви на барањата на Општина Карпош и на граѓаните“, додаваат од Карпош.
Од Општината бараат Министерството за внатрешни работи да го документира овој настан, да се утврди одговорноста и одговорните да сносат правни последици.
„Општина Карпош уште еднаш јавно предупредува дека вакви немили настани ќе ни се случат и во градинките како резултат на тоа што Владата не одобрува вработувања на негувателки, воспитувачки и технички персонал на сите оние што веќе заминале во пензија. Уште еднаш апелираме до надлежните државни институции дека си играат со здравјето на децата и не би било добро доколку се случи немил настан, па потоа да ги решаваме проблемите и да бараме одговорност“, велат од Општина Карпош.