📽 МАЛКУ КОМПАНИИ СЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ВЛЕЗ НА ЕВРОПСКИОТ ПАЗАР Штерјова-Душковска во „Бизнис клуб“ говори како да се забрза процесот

Во сегментот на извозот Душковска објаснува дека активностите на КИФ имале различни приоди во директната поддршка на компаниите, од причина што многу индивидуални компании се наоѓаат на различно ниво и на различен степен на подготвеност да се носат со пазарните сили на единствениот пазар.

89

Коморското работење и начинот на функционирање, како и темите што се опфаќаат нудат една сестраност, која на друго место во државава тешко може да се оствари. Таквиот преглед на отворени прашања на теми за различни сектори и индустрии, фокусирани на едно место, и големиот круг познанства и компании може да овозможат развој во кариерата, изјави Татјана Штерјова-Душковска, генерален секретар на КИФ, во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб” со Бранко Азески.

Според Душковска, Комората нуди сестран пристап на стекнување знаења и на познавање на темите, нешто што не постои во другите институции.






Во разговорот Душковска ги изнесе активностите на кои ќе работи во Комората по истекувањето на нејзиниот мандат како генерален секретар на КИФ, а кои ќе бидат насочени кон спроведување на реформските агенди што ги подготвиле владите во регионот врз основа на планот за раст за побрзо приближување кон ЕУ. Во реформската агенда Стопанската комора ќе ја има водечката улога во реализацијата на мерките за креирање поповолно бизнис-опкружување.

Запрашана за тоа кои искуства може да се искористат од Коморскиот инвестициски форум за подобрување на трите сегменти на кои е фокусирана Комората во своето работење – 1) регионалната соработка, 2) завршувањето на процесот на дуално образование и пренасочување на стекнувањето вештини во високото образование и 3) извозот – Душковска истакна дека во третирањето на сегментот на дуалното образование Стопанската комора на Македонија има најголем напредок, нешто што го покажуваат и бројките години наназад.

Според неа, најдобро е што се започна со системско уредување на процесот, а најголем проблем на почетокот бил да се убедат компаниите да се вклучат во процесот, кој е од нивни интерес. Проектот на Регионалниот фонд за предизвици за обезбедување грант за училиштата и за компаниите е само поддршка во тој процес.

Во сегментот на извозот Душковска објасни дека активностите на КИФ имале различни приоди во директната поддршка на компаниите, од причина што многу индивидуални компании се наоѓаат на различно ниво и на различен степен на подготвеност да се носат со пазарните сили на единствениот пазар. За таа цел, активностите на КИФ биле насочени кон подготовка на алатки и на дигитални портали кои нудат информации, за да им помогнат на фирмите подобро да се позиционираат. Во таа насока, малите и средни компании биле подготвувани за настап на саеми заради претставување на сопствените производи и услуги, во соработка со експерти.

-Стратешки се насочуваме кон тоа да добиеме директен влез на единствениот пазар на ЕУ, но мора да признаеме дека многу мал дел од компаниите во моментов се подготвени да излезат на пазарот и соодветно да се носат со конкуренцијата на него – вели Дишковска.

Во продолжение на разговорот Душковска даде свое видување за економската состојба во нашата земја. Смета дека процесот на трансформација на системот трае предолго, а како решение го истакнува тоа дека мора посветено да се работи и секој да се фокусира на тоа да ја заврши својата работа.

Во поткастот Душковска открива детали и за приватниот живот. Таа ја прифаќа критиката како составен дел од работата, како нешто што ја води да оди напред. Доживотното учење го смета за предизвик и истакнува дека низ работниот процес постојано учи и ужива во тоа.

Поврзани содржини