Малите земји на малите умови
Наместо самостојната и независна држава да расте во духовна смисла, таа се смалува; наместо развојот да е приоритет, кај нас стагнацијата е доминантна; наместо ослободување на мислата во секоја смисла ние добиваме пресликување на комплексите на самопрогласените политички елити врз целиот народ и наметнување на нивното чувство/комплекс на малост, уплашеност, неспособност… врз сите нас.
Се удавивме во стереотипи. Како да сакаме сите до еден да ги потврдиме, да ги докажеме низ нашето секојдневие: за нашето минато и историја, за наведнатата глава, за неспособноста и корумпираноста на политичарите, за партократијата, непотизмот и кронизмот, за недопирливоста на власта, за мафијата и државата односно за „државата на мафијата“, за „каков народ таква власт“… сите до еден. Сега како да сме запнале во пракса да го потврдиме и последниот – за малите земји и малите умови. Што ќе рече дека од мала земја не можеш да очекуваш друго освен мал ум. Што не е точно, се разбира, како што не се точни – или барем не како правило! – ни претходно спомнатите.
Зашто, ене видете ја Украина. Голема земја, со голема мака, ама изгледа со мали умови. Врз сета мака носат и закон со кој се забранува негирање или оправдување на руската агресија. Прво, зарем навистина некој Украинец би ја оправдал агресијата? И зошто? И второ, ако дури има и такви, зарем законот ќе им го смени мислењето? И трето, ќе ми беше разбирливо ние да го дополневме нашиот предлог-закон за граѓанска одговорност – оној каде се одговара и за „негативно мислење“ – во некоја таква уште поналудничава насока, на пример да се забрани дури и во сонот да ти дефилираат некакви негативни флешеви за власта, да ги забранат сите медиуми што се осмелуваат да искажат спротивно мислење од дозволеното, да не смееш во негативен контекст да ги спомнуваш имињата на државните функционери итн., ама Украина?
Или, на пример, ќе беше нормално најавената наша нова фондација да се вика „Едно опШество за сите истомисленици“, бидејќи државата одамна функционира по тој и таков терк итн. Тоа би биле логичните изблици на малите умови во една мала земја како Македонија, па нека е Северна.
Комплексот на малост, згора на тоа и провинциска – ова го потенцирам бидејќи и една Словенија, на пример, е мала, ама не е провинција, едно Монако е уште помало и тн. – е страшен, убиствен комплекс. И заразен. Се пренесува од генерација на генерација, во сѐ и во секој поглед. И не може така лесно да се надмине. А сепак, и тоа е само еден стереотип, фиксирана (но со ништо оправдана) претстава за нашата ништожност низ историјата, што понатаму се доразвива во континуирана огорченост, чувство на инфериорност, страв… Комплексите кај нас се веќе длабоко вселени во свесното и несвесното, а во поново време и интенционално наметнувани од владеачките структури како од Севишниот дадено покритие за нивната неспособност и неукост. Следствено, се наметнува само една мисла: има ли нешто полесно од управување со искомплексиран, заплашен народ?
Оттука, всушност, кај нас, барем во последниве две децении, повеќе станува збор за инверзивен процес. Наместо самостојната и независна држава да расте во духовна смисла, таа се смалува; наместо развојот да е приоритет, кај нас стагнацијата е доминантна; наместо ослободување на мислата во секоја смисла ние добиваме пресликување на комплексите на самопрогласените политички елити врз целиот народ и наметнување на нивното чувство/комплекс на малост, уплашеност, неспособност… врз сите нас. Нивните комплекси се затскриваат со нагласена демонстрација на сила и моќ флуктуирани низ темните ќорсокаци на партократијата, на „јавното мислење“ обликувано од еден грст полуписмени и/или недоучени простаци, а низ вешто потенцираната „прогресивна“ аверзија кон сѐ што заличува на демократско, културно, национално (веднаш, се разбира, прогласувано за националистичко). Дури и грото од нашите јавни „дебати“ – со чесни исклучоци – се моделирани и модерирани врз истиот шаблон за лечење на простачко-провинциски комплекси низ омилените наводно глобални „анализи“. Нашите актуелни експерти се на „ти“ со Бајден и со Путин, ги знаат како дишат и мислат односно (обично Путин) не мислат, одеднаш во домовите ни влетува некоја Констракта како (пази богати!) замена за Марина Абрамовиќ и сите веќе пиеле кафе со неа, со Игор Мандиќ (RIP) биле на п.м., Ким Кардашијан им е прва другарка… и уште цел список „фаворити“ преку кои мислат дека конечно ќе се одвојат од нивното свирипичино, од нивната внатрешна духовна касаба на поданици, платеници, сурогати. И токму затоа, и за тоа, е смислена целата оваа машинерија што ја меле македонската реалност и ја претвора во непосакуван од мнозинството театар во којшто нивните политички „лидери“ и дворјанството ќе уживаат во луксузот на неконтролибилните тендери, енормните неоданочени приходи, богатствата стекнати од мекици и родендени, фирмите на нивните сѐ уште малолетни деца… па сѐ до секојдневните угодности од државни коли и бесплатен бензин, петтоцифрен надомест (во евра) на патни трошоци… до бифтек за 180 денари само за повластената категорија покондурени сељачишта за кои до вчера чварките биле врвен гастрономски домет.
Затоа малата земја се грижи само за својата малоумна категорија граѓани, оставајќи го огромното мнозинство на милост и немилост на неконтролираното секојдневие. Затоа впрочем и ни доаѓаат – проследени со сите државни почести – коекакви индивидуи во својство на официозуси со „волја“ но не и со решение, кои дури и не се снебиваат со директни навреди да ја потценуваат нашата интелигенција. За таквите оваа (мала) држава како и да не постои, уште помалку овој непризнат народ на кој секоја будала може да му го негира името, презимето, идентитетот… а нашине плиткоумни елити ќе се стројат за званичен пречек на таквите билмези. Оттука и конечниот резултат: да преговарате за тоа кои сте и што сте, дури и со бивш окупатор кого сега вашиот мал ум ќе го доживува како администратор, па дури и брат.
Или, да го парафразирам Плеханов: кај нас малиот ум е фактор во општествениот развој до неограничен степен бидејќи општествените релации му го допуштаат тоа! Незрелоста и стеснетите умови на политичките елити ни диктираат општество сѐ уште незрело за демократија, за владеење на правото, за легитимни избори, за нормален живот… Македонското секојдневие – особено политичкото – и односите во власта, релациите со соседите и меѓународната позиција и углед на земјата како дефинитивно да го зацементираа кај нас и тој стереотип: дека малите земји раѓаат мали умови!
Извор: Теодосиевски уметност