Малициозноста на СДСМ не е аргумент, ама баш за ништо!
СДСМ навистина паднал на ниски гранки, штом се обидува на ваков начин да конституира критички дискурс кон новата власт. Тоа веќе не врви. Не кај нормалните луѓе. И секако не од СДСМ, од кралевите на скандалите. Од оваа партија очекувам многу повеќе од евтин популизам. Ако не дочекам, на следните избори таа партија ќе се доближи до границата од 100.000 гласови. Памтете ми го муабетот.
Малициозноста не е критика.
Таа не е ни критизерство.
Таа е само симптом на зголемена киселост во душата на лузерот.
Појавност што одразува тажна состојбата на духот.
Само пакост и злоба.
Малициозноста не е аргумент. Ама баш за ништо.
Премиерот и пет министри потрошиле 20.000 евра за авиобилети за бизнис класа, за патувањето на Самитот на НАТО. СДСМ сака да ни ја продаде шарената лага дека тоа било аргумент за некакво „луксузирање“ на новата влада.
Има илјада начини да се разбие овој наводен аргумент. На пример, тие 20.000 евра да се споредат со стотиците илјади евра потрошени за приватните журки на СДСМ и на ДУИ за време на нивното владеење.
Но, навистина нема потреба од такви експликации. Нема потреба да се објаснува она што може да го разбере секој нормален и пристоен човек, секој што поразот на СДСМ и на ДУИ не го доживува како лична трагедија. Доволно е само да се повтори дека малициозноста не е аргумент.
Премиерот и министрите треба да патуваат во бизнис класа, во авионите и во другите превозни средства. Тоа е факт.
Скапите авиобилети не се луксузирање, туку сосема обратно – можност за штедење на народните пари. Тоа е аргумент.
Звучи нелогично? Да, ама само за малициозните и за тие што се ложат на евтин популизам.
Оние другите можат да се информираат дека патувањето со бизнис класа на патниците им нуди услови и за работа за време на летот и за квалитетен одмор, после кој се спремни и орни за работа. Така многу деловни луѓе, но и обични смртници, кои се принудени или едноставно сакаат да патуваат, ги скратуваат „празните одови“ и времетраењето на своите патувања и така штедат на хотелски трошоци, на скапи и заморни трансфери од аеродромите до своите дестинации и слично.
Ова е аргументирање.
И не е баш нуклеарна физика, другарчиња од СДСМ. За сето ова може да се прочитаат стотици статии, да се научи нешто, а богами и да се искуси.
Како што не е некоја голема „филозофија“ да се сфати дека и „пискотниците од Галичник до Река“, за наводно безобразно високите плати на премиерот, на министрите и на други државни функционери, се само обичен популизам.
И малициозност, секако. Злоба и пакост.
Нема потреба да се докажува спротивното.
Премиерот и министрите во Македонија имаат прескромни плати – првиот меѓу еднаквите само 2.280 евра, а другите по 1.780 евра. Тоа е факт.
Кон овие плати веројатно треба да се пресметаат и разни додатоци, но сето тоа сепак е во рамкита на една, според мене, неприфатлива и непродуктивна, наследена скромност. Тоа е аргумент.
Да, има и безобразно високи „функционерски плати“, но тие треба да се бараат на други места, во некои скриени управни одбори и јавни институции чиишто имиња деновиве и јас првпат ги слушам, каде што некои луѓе нишаат врати и земаат дебели плати.
Инаку, општо земено, лага е дека функционерите во Македонија се прескапо платени. Иако, се разбира, би се согласил со тоа дека според учинокот на некои џаболебари, дури и минималец од 400 евра месечно е превисока плата.
Сево ова е аргументирање. Можеме и повеќе од тоа, но за умните – доволно е.
Како и да е, муабетот ми беше дека СДСМ навистина паднал на ниски гранки, штом се обидува на ваков начин да конституира критички дискурс кон новата власт.
Тоа веќе не врви. Не кај нормалните луѓе. И секако не од СДСМ, од кралевите на скандалите.
Од авион се гледа дека сево ова е само фрлале шашми, плус малку евтино морализирање и лигавење.
Некој ќе рече, од кого е и многу е, од д еден ваков распаднат СДСМ не може да се очекува повеќе.
Јас не мислам така. Морам да кажам дека сметам на здравите сили во СДСМ – а такви луѓе има – од кои очекувам да се изборат најмоќната опозициска партија да оформи здрав и силен критички однос кон целокупната стварност.
Тоа би било еден радикален дисконтинуитет со досегашната лузерска политика на партијата која од некогашните 500.000 гласови изборна поддршка се урниса на помалку од 200.000.
Сепак, за да се случи тоа што го посакувам и мислам дека е важно за Македонија, метлата мора прво да заигра во дворот на СДСМ.
Со вака „креирани“ шашми кои некој сака да ги нарече „политики“, на следните локални избори СДСМ ќе се доближи до границата од 100.000 гласови.
Запомнете го ова што ви го велам, другарчиња драги.
Да, вие од вистинската „бизнис класа“.
Вие, црвените.