Малезија им препорача на жените кои се дома во изолација да не им зановетаат на своите мажи.
Министерството за жени, семејство и заедница во оваа земја издаде серија он-лајн постери со упатства за тоа како да се однесуваат жените дома. Министерството ги советува жените да не бидат саркастични кога ќе побараат помош за домашните обврски, а жените кои работат од дома да се шминкаат и да се облечат како за на работа.
Овие постери предизвикаа лавина реакции во насока дека промовираат родова нееднаквост и патријархалност. По реакциите Министерството ја повлекло кампањата со која вели дека сакало едноставно да „одржат позитивен однос меѓу членовите на семејството додека работат од дома“.
Но, советите на Министерството не се единствен ваков погрешен чекор. Според насоките за движење, во земјата било наложено „главата на семејството“ да излегува од дома за да ги набави потребните продукти. Но, тоа отворило друг проблем – зашто мажите едноставно не се снашле добро со купувањето, па некои маркети на своите веб страници објавиле водич за мажи за купување.
Малезија има најмногу случаи со ковид-19 во југоисточна Азија, повеќе од 2.900.