Малески: Декретот на Бајден може да ни ја испразни политичката сцена

Теоретски гледано, декретот на Бајден би можел да ја испразни македонската политичка сцена, па дури и да ја лиши земјата од најголемата опозициска партија. Имено, индивидуи и организации кои работат против овие Охридскиот и Преспанскиот договор можат да бидат санкционирани со забрана за влез во САД и со замрзнување на нивниот имот таму.

1,691

САД очигледно оцениле дека продолжува старата пракса на нашите националисти – да уживаат во мирот, но да ги негираат алатките кои доведоа до тој мир, вели за Дојче веле првиот министер за надворешни работи, Денко Малески, коментирајќи ја одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да се воведат санкции за лицата кои ќе ги поткопуваат Охридскиот и Преспанскиот договор.

– Американците имаат еден израз: Нема бесплатен ручек. Три децении по ред, од моментот кога балканските национализми добија демократски легитимитет, националистите имаат бесплатен ручек. Имено, од првите денови на независноста на југословенските републики демократијата им даде демократски легитимитет на националистите. Новото сега, е што со декретот на американскиот претседател Џо Бајден на националистите во Македонија, па и на Балканот, им се ускратува привилегијата на тој бесплатен ручек. Уште пред две децении, чинам Викторија Нуланд, сега трет човек во американскиот Стејт дапартмент, им забележа на македонските политичари дека ја злоупотребуваат Америка. Дека спијат мирно под заштита на Америка која бдее над мирот на Балканот, за кога ќе се разбудат да почнат беспоштедно да ја критикуваат. Не обзирајќи се на ова нефер, но и бедно поведение на македонски политичари и интелектуалци, Америка продолжи да инвестира во мирот на Балканот, ширејќи и стабилизирајќи ја евроатлантската зона на демократски држави. Инвестираа во Охридскиот договор кој ја прекина војната во Македонија и ја постави државата на колосекот на мир и просперитет преку рамноправност на етничките заедници. Инвестираа и во Преспанскиот договор кој ја извлече Македонија од изолација и ја седна на масата на НАТО сојузот, давајќи ѝ на државата безбедносна осигурителна полиса. Очигледно оцениле дека овие инвестиции се загрозени денес и дека треба да се бранат и со активна американска политика. Зашто, старата пракса на нашите националисти – да уживаат во мирот и да ги негираат алатките кои доведоа до тој мир (Охридскиот и Преспанскиот договор), продолжува. Имам впечаток како незадоволството со решенијата од Охрид и Преспа да расте како што расте економската и ковид-кризата – објаснува Малески.






Тој додава дека декретот на Бајден би можел да ја испразни македонската политичка сцена, па дури и да ја лиши земјата од најголемата опозициска партија.

– Тоа беа непопуларни решенија спротивни на волјата на мнозинството Македонци донесени под надворешен притисок. Но, тие решенија ја спасија земјата. Без нив земјата беспомошно се лизгаше кон катастрофа. За жал, тоа не може лесно да му се докаже на обичниот гласач кој само знае за она што се случило. Денес, нападот врз Преспа доаѓа од сите страни: од опозицијата, од МАНУ, од универзитетите, од обичниот човек, од дежурни ТВ говорници… Денес, на ваквиот развој на настаните Америка одговара со закана. Теоретски гледано, декретот на Бајден би можел да ја испразни македонската политичка сцена, па дури и да ја лиши земјата од најголемата опозициска партија. Имено, индивидуи и организации кои работат против овие два договори можат да бидат санкционирани со забрана за влез во САД и со замрзнување на нивниот имот таму. Такви поединци, разбирливо, не можат да ја водат државата. Ова е притисок врз Македонија, велат нашите националисти. Ние само ја изразуваме волјата на мнозинството Македонци. Точно. Но, притисок е второто име на меѓународната политика, како и улогата на моќта во неа: да натераш некого да стори нешто што не би го сторил без принуда – вели Малески.

Поврзани содржини