Малцинствата на милост и немилост во ЕУ

762

Иако од ЕУ се очекува силно да се заложи за заштитата на статусот и правата на националните малцинства во земјите-членки, бриселската бирократија не прави речиси ништо и воопшто не го третира ова прашање како едно од приоритетите, кој, всушност, би требало да биде високо на агендата на европските интеграции. Брисел мирно ги набљудува и се дистанцира од тврдокорните и негаторски политики на Грција и на Бугарија, кои се добар пример во ЕУ за дискриминација на сопствените малцинства, пред сѐ, на македонското.

Постојаниот недостиг на акција и изостанување на конкретни мерки од страна на ЕУ за заштита на малцинските јазици во Европа е често изложено на силни критики, при што се истакнува дека Европската комисија свесно се крие зад принципот на супсидијарност, познат како општо начело на правото на ЕУ, и тврди дека заштитата на малцинствата и јазичната политика се одговорност на самите земји-членки.






Една од најважните задачи на ЕУ како мировен проект е да обезбеди претпоставки и услови за земјите-членки да ги почитуваат и штитат нивните малцинства, но наместо тоа малцинствата се оставени сами да ги бранат своите права против соодветните централни власти во државата. Добар пример за тоа е секако Бугарија, каде што никако не се помрднуваат од мртва точка 14-те пресуди на Судот за човекови права во Стразбур против неможноста македонското малцинство во Бугарија да регистрира свое здружение или партија.

Или, пак, Каталонците, чиј стремеж за прогласување самостојност од Шпанија, се темели врз сфаќањето дека единствениот начин да ги заштитат својата култура и јазик, кој го зборуваат околу седум милиони луѓе, е да пристапат како самостојна држава и полноправна членка на европската заедница на суверени држави. Централните власти во Мадрид, како што е познато, остро се спротивставуваат на таквите сецесионистички стремежи.

На конгресот на Европската слободна алијанса (ЕФА), одржан пред извесно време, 120 политичари и истражувачи, припадници на европски малцинства и нации без државјанство, дебатираа во Бауцен во југоисточна Германија околу прашањата на каков начин ЕУ треба да преземе одговорност за заштита на статусот и јазиците на малцинствата, видено, во овој случај, преку запирање на експлоатацијата на лигнитот. Оваа германска покраина е тешко погодена од ископувањето на лигнит, а што создава голема загриженост за иднината на губитничкото малцинство кое живее во таа област. Рудниците за лигнит не само што придонесуваат за глобалното затоплување и ги загадуваат природните водни ресурси, туку предизвикуваат и принудно преселување на цели села. На споменатиот конгрес е изразен протест против ваквите стопански инвестиции кои го уриваат културното наследство и ги принудуваат припадниците на малцинските Лужички Срби да се преселуваат на други места, а како последица на тоа се засилува и нивна асимилација.

За волја на вистината Европската комисија знае и да изврши притисок врз земјите-членки, како, на пример, врз Шведска, која по повеќегодишни убедувања со Брисел најпосле се согласи, во 2000-та година, да признае пет малцински јазици: фински, лапонски, меанкали, романи чиб и јидиш. Но дискусиите околу ова прашање не застануваат тука.

Во поширок контекст на оваа проблематика одвреме-навреме се слушаат и предлози дека и арапскиот јазик треба да добие статус како национален малцински јазик во Шведска. Шведските граѓани кои го имаат арапскиот како мајчин јазик се приближно во ист број како оние чиј мајчин јазик е финскиот – околу 250.000 луѓе.

Во некои дебатни написи беа изнесени мислења дека треба да се подобрат можностите за изучување на арапскиот јазик „веќе од средните класови во основните училишта“. Доколку и арапскиот би добил статус на јазик на национално малцинство, тогаш Шведска би се обврзала да го заштити и развива, „и со тоа ќе испрати многу јасен политички сигнал дека Шведска е земја во која се зборуваат повеќе јазици, освен мнозинскиот шведски, а со што би се покажал и отпор кон расизмот“.

Сепак, околу развојот на ваквите заложби во Шведска, каде што политиките на владината коалиција се под силно влијание на националистичката екстремна десница во Парламентот, не се забележуваат некакви позитивни сигнали. Напротив, се прават силни напори за ограничување на поддршката и можностите што традиционално ги имаат малцинските и имигрантските групи за непречен културен развој и користење на соптвениот јазик.

Во секој случај, признавањето на јазиците на националните малцинства е поврзано со фактот дека Шведска ја потпишала Европската повелба за регионални или малцински јазици. Повелбата содржи неколку барања за признавање на јазиците. Еден од нив е дека јазикот мора да бил „користен историски и традиционално“ во земјата, а што би значело дека „јазиците што ги зборуваат имигрантите“ се исклучени од таквото признавање. Обично се смета дека повикувањето на „историјата и традицијата“ треба да се толкува во смисла на јасни сознанија дека јазикот за кој се бара малцински статус се зборувал и употребувал во земјата најмалку стотина години. Се разбира, со поставување на ваков услов директно се дисквалификува арапскиот да биде признаен како јазик на национално малцинство во Шведска. Слични се и околностите во кои се ограничуваат можностите за признавање на малцинските јазици во голем број други европски земји.

Каков што е случајот и со македонскиот како малцински јазик во соседните земји. Грција го дисквалификува најмногу поради неговото име „македонски“, додека Бугарија не ја признава посебноста и историскиот континуитет на македонскиот јазик дури ни во неговата матична земја. За очекување е дека новата македонска Влада ќе го прекине срамниот процес на дистанцирање, кој дојде до израз во изминатите години, од сопственото национално малцинство во соседството.

Но постои ли нешто што укажува и охрабрува дека и новата Европска комисија, која ќе биде формирана наскоро, нема да продолжи пасивно да го набљудува тоа во текот на својот петгодишен мандат?

Поврзани содржини