Мал чекор за Европа, голем за Македонија

Последново функционерско покачување на платите за цели 78% токму во времето на жестока економска криза и (како што милува да плаши премиерот) среде „војна во Европа“, е само врв на лудилото што ја зафатило државава. 

1,019

Во 2017 година, пред седиштето на БиБиСи во Лондон била поставена статуа (од скулпторот Мартин Џенингс) на познатиот писател Џорџ Орвел, кој извесно време работел во овој британски јавен сервис. Но (можеби) поважен сегмент од ова обележје на Орвел се неговите зборови испишани на ѕидот зад скулптурата: „Ако слободата воопшто нешто значи, таа значи право на луѓето да им се каже тоа што тие не сакаат да го слушнат“! Зборовите на овој луциден писател, есеист, новинар и критичар како да ја имале предвид токму Македонија и нејзиниов актуелен „моментум“.

Зашто, македонската трагикомична ЕУ приказна поприма веќе страшни димензии и некој мора на оваа власт да ѝ ја каже вистината. Тој некој нема, не може да биде никој „од внатре“ бидејќи општествените и политичките тензии кај нас се веќе на границата на експлозија: сите се против сите, никој никого не слуша, секој смета дека има права поголеми од другите… итн. Последново функционерско покачување на платите за цели 78% токму во времето на жестока економска криза и (како што милува да плаши премиерот) среде „војна во Европа“, е само врв на лудилото што ја зафатило државава.






И никој веќе не прашува дали оваа земја треба докрај да се запусти и испокраде, дали луѓето во неа треба да се деморализираат до крајни граници, да осиромашат до питачки стап, да станат психотични и параноични? Треба ли да се затворат училиштата бидејќи го немаат основното помагало за учениците, треба ли да се затворат културните институции бидејќи ионака се оставени на тивко умирање, зарем и на болниците треба да се стави катанец бидејќи нема лекари, сестри, лекови…? И треба ли (и) оваа власт непотистички да ги окупира сите државни институции со сопрузи и сопруги, синови и ќерки, браќа и сестри… баш до последното место, а со цел од државата да направи – семејна фирма?

И ова не се реторички прашања, уште помалку се цинични или саркастични, бидејќи состојбите во Нашата земја се само на мал чекор од посоченото, ако не се веќе и во самиот центар на реализацијата. И никому не му е грижа за тоа? И не треба да му биде? Два одлучувачки фактори, две пресудни инстанци се од суштинска важност во оваа насока: македонската власт и Европската комисија!

Првата – оваа и ваква македонска власт – ни имала ниту има намера, знаење и капацитет да ги контролира и рационално да ги менаџира процесите во државата. Уште помалку може да се грижи за некакви „европски вредности“ и стандарди. Нивната реформска приказна заврши уште на самиот почеток, остана само гола неспособност. Тоа одамна им е јасно на граѓаните, дури и на најогнените партиски ботови. Скандалите што секојдневно се нижат не може да ги поднесе ни поголема ни побогата ниту пак поумна држава. Кога нештата попримаат вакви налудничави димензии, дијагнозите се повеќе од јасни. А и можните разврски. А тие нема да бидат убави! Впрочем, по којзнае кој пат повторенето предупредување од Стопанската комора за заробената економија од страна на политиката јасно укажува на блискиот крах на најважниот двигател во една држава. Ако на ова се додаде речиси комплетното политичко расуло, веќе неподносливата отворена омраза на релација власт-опозиција и нефункционалноста на највисоките државни институции, сликата за Нашата земја се заокружува со катастрофално предупредување.

Но, вториот фактор – Европската унија односно надлежната Европска комисија – во случајов е поважна, пресудна инстанца. Не (само) заради фактот што, всушност, тие во многу сегменти ги „мотивираат“ и до извесен степен ги контролираат политичките случувања во Македонија туку и заради нејзината одлучувачка улога во процесот на ЕУ проширувањето. Следствено, нејзината одговорност во даден историски миг може да биде поголема од одговорноста на едн а криминална локална власт во една педа балканска провинција, полна со алчни, неспособни и некомпетентни политичари. Одговорноста на Европската комисија, па и на сите земји членки на ЕУ во однос на Македонија, сега е многукратно зголомена. И неа тие мораат да ја ефектуираат зашто од оваа земја нема да остане – ништо.

Во таа насока, Европската унија мора на Македонија односно на нејзината актуелна власт, во стилот на Орвел, да ѝ ја каже болната вистина: дека е неспособна за реформи, дека не знае што се европски вредности и стандарди, дека развојот на земјата во насоката на интеграцијата во ЕУ со години назадува во сите важни  државни сегменти и др. Или, со други зборови, дека Македонија е целосно антиевропски насочена, што ја прави неподобна за влез во ЕУ. Со тоа, на крајот, би морала да ја соопшти и клучната одлука – дека се замрзнува процесот на интеграција на Македонија во ЕУ до мигот кога во државата ќе има видлив напредок во интегративните процеси, а особено во оние сегменти што со години се посочуваат во извештаите на меѓународната заедница!

Тоа, и единствено тоа би било одговорно политичко однесување на Европа кон Македонија. Односно, тоа би бил мал чекор за Европа но голем за Македонија и нејзиното конечно освестување дека процесот на евроинтеграцијата на земјата не може да зависи од неуки и неспообни политичари, дека тој процес не можат да го водат криминално-коруптивни партиски врхушки од квазилева и квазидесна провениенција, дека европските вредности и стандарди не можат да се изедначуваат со етничките, партиските и семејните „вредности“ на македонските политички „елити“. Сѐ друго – овие актуелни игри околу Уставот, преговарачката рамка, соседските примитивни „политики“ и нашите уште попримитивни „одговори“ и др. – сето тоа се нешта што лесно можат да бидат надминати од страна на нормални поединци и политичари кои, сигурен сум, ги има во оваа држава. И би можеле да ја водат Македонија во вистинската евронасока.

Сите други европски „политики“ – овие на потхранување на кримогените македонски „елити“ со лажни надежи, на навивачки притисоци, на заеднички зделки и слично – е ништо друго туку отворена амнестија на Унијата на сите нивни досегашни криминали. Што пак ја прави и Европската комисија соучесник во истите и главен актер во неодговорното непостапување на европските политичари кон една земја кандидат за идно членство во ЕУ. Таквата одлука на Европската комисија, поддржана од земјите членки на Унијата, може за некои европски функционери да биде дури и болна бидејќи за подолг рок ќе им ги ускрати планираните „зделки“ во и со Македонија. Но ќе биде поволна не само за оваа држава туку и за ЕУ иднината на Балканот.

Само таков отворено критички и недвосмислено јасен сигнал од страна на официјална Европа би претставувал сериозен политички чекор и би можел Македонија да ја постави на вистинскиот пат во евроинтеграциите. А во таа насока би помогнало и цврстото инсистирање на европската политичка елита на политичка, па и друга одговорност за долгогодишното антиевропско однесување на македонските политичари. Таквиот, во суштина мал но морално голем чекор на ЕУ би отворил и во земјава сериозна расправа за досегашниот и идниот пат на Македонија во евроинтеграциските процеси.

Инаку, ова провинциско антиевропско однесување на македонскиве политиканти, оваа кримогена етно-семејна структура залегната во сите пори на државниот систем и лулкана од лажните европски демократи ќе продолжи како фарса и историски пример за неморал, неетичко однесување и двојни стандарди.

Поврзани содржини