МАКСТИЛ СО ИСКЛУЧИТЕЛНО НИСКИ ВРЕДНОСТИ НА ЕМИСИИ НА ЦВРСТИ ЧЕСТИЧКИ Пониски вредности за десетици пати од законски утврдените
Пониски вредности за десетици пати од законски утврдените гранични вредности забележаа мерните станици на Макстил во четвртиот квартал од 2025 година, што уште еднаш ја потврдува високата енергетска ефикасност на технолошките процеси и системи инсталирани во компанијата.
Според редовниот мониторинг на емисиите, кој се спроведува согласно методологии за мерење на стационарни извори, измерените вредности на цврсти честички за месеците октомври, ноември и декември 2025 година покажуваат конзистентно исклучително ниски вредности, кои се во согласност со одредбите од А-интегрираната еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и релевантната законска легислатива.
На емисионата точка Оџак од филтер постројка, каде граничната вредност за емисија на цврсти честички изнесува 20 mg/m³, измерените вредности во четвртиот квартал беа значително пониски: највисоката е 0,45 mg/m³ во октомври и најниската само 0,03 mg/m³ во декември, што ги поставува емисиите на нивоа десетици пати под дозволената граница.

И на емисионата точка Оџак од пескара, каде што е предвидена гранична вредност од 30 mg/m³, измерените концентрации исто така се на исклучително ниско ниво, највисоката е 0,39 mg/m³ во октомври, 0,27 mg/m³ во ноември и 0,38 mg/m³ во декември. Овие резултати укажуваат на постојана контрола и ефективност на применетите системи за филтрирање, со емисии кои остануваат значително под пропишаните максимални вредности.

Овие податоци ја реафирмираат општествената одговорност и посветеноста на Макстил кон унапредување на животната средина и одржливо работење, преку континуирани инвестиции во модерни технологии, системи за следење на емисиите. Компанијата ќе продолжи активно да ги следи сите релевантни индикатори и да работи во согласност со највисоките еколошки стандарди, се наведува во соопштението од Макстил.