МАКСО ВЕЛИ ДЕКА НИКОГАШ НЕ БИЛО ПОЛОШО ВО ДРЖАВАТА „Оваа власт мора да понесе одговорност на изборите“
„Во ситуација кога многу меѓународни претставници коишто укажуваат во континуитет дека работите во Македонија лошо врват, вие гласате закон во Собрание со европско знаменце, каде подоцна евроамбасадорот ви вели дека тоа не е европски закон", додава Димитриевски, осврнувајќи се на Коридорот 8 како пример за нетранспарентност и криминал.
„Треба да се промени политичката гарнитура којашто е на власт и да дојдат нови луѓе кои ќе делуваат одговорно и ќе постапуваат согласно со законот. Законот мора да биде над сите и сите да бидеме исти пред законот. А факт е дека челниците на ДУИ и СДСМ сега се над законот. Во континуитет следиме дека меѓународната јавност, преку своите претставници и дипломатите во континуитет потенцираат дека Македонија е Мека и Медина за корупцијата и за организираниот криминал. Власта тоа го потврдува, иако во минатото го негираше. Мора сериозни да бидеме кон ваквите извештаи кои доаѓаат од надвор, бидејќи не е само пречката која доаѓа од Бугарија, туку и истите овие извештаи можат да бидат пречка за понатамошниот интегративен процес. Затоа велам дека оваа власт мора да понесе одговорност на следните парламентарни избори кога и да се и народот да одлучи. Никогаш не било полошо во државата“.
Ова го изјави градоначалникот на Општина Куманово и лидер на новоформираната политичка партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, во вечерашната дебатна емисија „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, со градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети.
Димитриевски искажа јасен став дека актуелната власт не прави ништо да ја промени лошата состојба во земјата и покрај негативните извештаи што ги добива од Европската Унија.
„Ако вие имате гласање во парламентот на закон и измена на КЗ со европско знаменце којшто има за цел да ги самоамнестира постоечките политички елити и дополнително да остави простор за амнестија на оние кои што до вчера беа на власт, исто така да им остави простор на оние кои што ќе дојдат да се самоамнестираат и да одговараат по шест месеци затвор по членот 353 за злоупотреба на службена должност и овластување со проневера со државни пари, тоа се лоши примери. Ако има многу меѓународни претставници коишто укажуваат во континуитет дека работите во Македонија лошо врват, вие гласате закон во Собрание со европско знаменце, каде подоцна евроамбасадорот ви вели дека тоа не е европски закон”, додава Димитриевски, осврнувајќи се на Коридорот 8 како пример за нетранспарентност и криминал, давајќи му целосна одлучувачка моќ на вицепремиерот Артн Груби да договара и склучува договори без претходна техничка документација и проект.
„Ние сме градоначалници и пред да се реализира било каков проект во општината, потребно е да обезбедиме техничка документација, почетен проект, проект за градба, предмет пресметка, да распишеме тендер, да извршиме избор на тендерот и потоа да избереме изведувач и да потпишеме договор. Случајот со Коридорот 8 е избор на фирма која ќе проектира и избор за фирма надзор која се занимава со производство на долна облека, на која се уплаќа аванс и се даваат околу 160 милиони евра за еден сериозен коридор. Го деградирате министерот за транспорт и врски и го ставате вицепремиерот Груби како да е експерт за ова и одеднаш носите фамозен закон со кој што на изведувачот му ги давате сите можности“, заклучува тој.
„Јас се чувствувам космополит и не ги делам граѓаните ниту по етничка, верска или политичка припадност, но за жал кога зборуваме за мултиетничко општество, ние го гледаме наративот на ДУИ којшто влезе во парламентот со пушка, веднаш потоа ја запоседна врз база на трендот и популизмот законодавната власт, преку тоа и извршната власт и денеска гледаме како ја запоседнува независната, судската власт, обвинителството и сите државни органи. И за жал, пред секои избори наративот на моноетничките субјекти коишто доаѓаат од албанската проминенција е всушност се поригорозен во делот на дефинирање на националните албански интереси. Јас немам намера во мојот политички активизам заедно со моите политички истомисленици да дозволам Македонија да биде приватна држава, ниту на ДУИ, ниту на било кој друг, а најмалку пак моја“, порача Димитриевски, осудувајќи ги активностите на албанската партија ДУИ и политички субјекти коишто имаат моноетничка или албанска проминенција и гестовите на покажување знаме на Голема Албанија или интонирање само албанска химна, за коишто вели дека го кршат Законот и создаваат фрустрации кај македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија.
За Димитриевски е неприфатливо во Слупчане да никне 37 метри високо спомен обележје или поставување на спомен плоча со карта на Голема Албанија, активности поддржани од владејачката ДУИ, а како што вели во континуитет да не се обезбедува бадинтер за да се изгласа и да се изгради едно спомен обележје на бранителите од 2001 година.
„Тоа е директно кршење на Уставот и директно кршење на Законот, но за жал нема храбри министри кои што треба да постапат согласно Законот. Неприфатливо е за мене во Слупчане да никне 37 метри високо спомен обележје, а во Куманово во континуитет да не се обезбедува Бадинтер за да се изгласа и да се изгради едно спомен обележје на бранителите од 2001 година. Гласаат сите политички субјекти на Албанците и бидејќи ДУИ е најбројната партија во советот која тоа не го дозволува. Наместо да има сенс и да каже „да“, ние го поддржуваме тоа. Тоа е историјата, гинеа луѓе и од едната и од другата страна, но почит и чест за војниците, но нема почит за политичарите бидејќи тие што беа војници и се бореа за одредени права и тие од наша македонска страна коишто се бореа за заштита на уставниот поредок, добар дел од нив загинаа, денес нивните семејства се прашуваат зошто загинаа истите, а политичарите кумуваат во континуитет и играат со националните чувства на етничките заедници. Треба да се постави прашањето што е резултатот од едностраните вакви дејанија од страна на во овој момент партија којашто е на власт. Да се случи еден ваков преседан и притоа никој да не излезе и да се извини пред јавноста е директно нарушување на меѓуетничките односи“, потенцира Димитриевски.