МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ ИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЗНАМ „Да ги обединиме сите што се раскарани поради политика“

256

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски на вчерашното Основачко Собрание на политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, е избран за претседател.

Тој вети дека заедно со сите членови и со граѓаните ќе ги направи суштинските промени на политичката сцена во Македонија, почнувајќи од воспоставување ред и поредок, казнивост, одговорност и транспарентност и отчетност коишто се суштината и сржта на еден правен поредок во секоја организирана држава.






– Ние во Македонија мора сите да имаме еднакви права и обврски. Денес живееме во длабоко поделено општество во кое се делиме на наши и ваши, брат со брат не разговара поради политика. Наша цел е да го обединиме граѓанинот, да ги обединиме сите, без разлика какво е нивното политичко убедување и да им кажеме НЕ на актуелните политички елити кои што се одделија од народот. Тој којшто со народот не се држел, не е вистинска власт. Живееме во време и невреме во кое правда и мир има само за нив, еднаквост наводно за сите, а подобар живот само за нивните деца – рече лидерот на ЗНАМ.

Политичкиот субјект ЗНАМ – За наша Македонија ќе работи на обединувачка агенда, вложувајќи во најмладите, но и вреднувајќи го трудот и влогот кој го дале највозрасните, без разлика на нивната политичка определеност, етничка или верска припадност.

Иницијативата за формирање на политички субјект Движење ЗНАМ – За наша Македонија е потпишана на 9 октомври оваа година, по иницијатива на 10 граѓански здруженија и граѓани од Македонија. На вчерашното основачко собрание за членови на Извршниот одбор се избрани генерал Павле Арсоски, Жанета Делова и Игор Филков, додека пак за членови на Надзорниот одбор се избрани Ристо Николовски, Марјан Петковски и Урош Милошевски.

Поврзани содржини